Мадам Си-Џеј Вокер (родена како Сара Бридлав) била американска бизнисменка, филантроп и политички активист. Во Гинисовата книга на рекорди е забележана како првата самосоздадена жена-милионер. Во ова успеала со развивање и рекламирање козметичка линија и производи за нега на коса за црни жени.
Ова било неверојатно достигнување за Афро-Американка чии родители биле робови - всушност Сара, како што гласело нејзиното вистинско име, била прво дете во нејзиното семејство, помеѓу една сестра и четворица браќа, кое се родило слободно, откако Линколн го укинал ропството. Мајка ѝ починала од колера, а таткото се преженил но умрел една година подоцна. Така, Сара останала сираче на седумгодишна возраст. Почнала да работи како домашна слугинка, а се описменила во неделното училиште.
Во овој период живеела со зетот, кој ја малтретирал, па за да избега од него се омажила на само 14-годишна возраст. Откако останала вдовица, се премажувала уште два пати, а името по коешто станала позната го презела од својот трет сопруг, Чарлс Џозеф Вокер.
Уште како мала Сара имала големи проблеми со првут и други болести на кожата на главата, вклучително и ќелавост. Причините за ова биле прејаките хемикалии во производите за миење коса и чистење на облека, но и лошата исхрана и неодржувањето хигиена, што бил чест случај во време кога повеќето Американци немале вода и канализација во куќите.
Таа научила по нешто за нега на косата од своите браќа, кои биле бербери во Сент Луис. Кога бил организиран големиот Светски саем во овој град во 1904, станала продавачка за Ани Малоун, која подоцна исто така ќе стане милионерка, но ќе биде и главен конкурент на компанијата на Мадам Си-Џеј. Кога Сара почнала да произведува своја крема за коса, Малоун ја тужела поради наводна кражба на нејзината формула, мешавина на желе од петролеј и сулфур.
Но талентираната деловна жена која и пред Инста и Тик Ток многу добро знаела да се самопромовира, Вокер успеала да изгради бизнис империја. Најпрвин им ги продавала производите директно на црните жени, но подоцна вработила „култиваторки на убавина“ за тие да бидат нејзини агентки. Своето богатство го употребила, меѓу другото, за да спонзорира школарини за жени, а донирала голем дел од парите на невладини организации кои се бореле за права на црното население.
Починала на возраст од 51 година од последици на висок крвен притисок. Нејзините планови за изградба на големо седиште на компанијата, зградата Вокер во Индијанаполис, биле остварени по нејзината смрт. Денес, таа е запомнета како една од првите деловни жени со афро-американско потекло која инспирирала многумина со својата финансиска независност и филантропија. За неа е снимена мини-Нетфликс серија во 2020, под наслов „Самоостварена“ (Self-made).