Луѓето што се „сингл“ мирисаат различно?

Во мирисот на нашите тела се наталожени куп психолошки и биолошки информации. Тие можат релативно точно да го предвидат нашето однесување, особено кога станува збор за избор на партнер. Но има и „квака“ - тој партнер, одбран според најпријатниот мирис, најчесто не е истиот со кого решаваме да живееме за озбилно.

Нашата телесна арома може да открие детали за здравствената состојба и присуството на болести - на пример колерата мириса слаткасто, а акутниот дијабет на скапани јаболка (види претходно „Жената која може да намириса болест, буквално“). Таа може да открие и информации за начинот на нашата исхрана, на пример дека колку што се јаде повеќе месо, толку машкото тело мириса попривлечно.

Мажите сметаат дека женското тело мириса попријатно во текот на овулација, а најнепријатно во текот на менструалниот циклус. Ова е веројатно еволутивно развиен „њух“ за тоа кои жени во моментот се добри кандидати за репродукција. И обратно, нивото на тестостерон може да влијае врз попријатниот мирис на мажите.

Сепак, најголемо влијание имаат гените, и во смисла на тоа како мирисаме, но и на нашите генетски одредени преференци за одредени ароми. Агњешка Сороковска, психолог и експерт за човечки мириси на Универзитетот во Вроцлав, Полска, вели дека врз основа на изборот на омилени ароми козметика (парфеми и други производи) можат да се направат релативно точни проценки за нечие однесување. Ова според неа има врска со нешто наречено HLA (Human Leukocyte Antigen, Човечки леукоцитен антиген). Тоа се група протеини кои му помогаат на имуниот систем да идентификува клетки кои ни припаѓаат нам и на такви кои се од некој или од нешто друго, и оттаму претставуваат потенцијални патогени. Нашиот HLA профил е прилично различен од кој и да било друг, иако може да биде сличен помеѓу роднини. Од генетска гледна точка, предност е да се има дете со некој кој има различен ХЛА профил, затоа што тоа обезбедува подобар имунолошки систем на идните деца.

Во експеримент на оваа тема, на жени им биле дадени маици носени од различни мажи, и од нив било побарано да ги рангираат според пријатноста на мирисот. Најдобро рангирани за поединечна жена биле такви носени од мажи со најнесличен ХЛА профил. Сепак, во друга студија со 3700 брачни партнери, излегло дека веројатноста луѓето да се земат или да влезат во трајна врска со ХЛА-несличен партнер е многу мала. Можеби постои преференца за одредени мириси, и можеби има генетска причина за тоа, но мирисот не е одлучувачки за тоа со кого ќе се земеме. Овој елемент влијае само врз еден аспект - сексуалната благосостојба. Ова се одразува и кај луѓе кои имаат тн. конгенитална аносмија (губење на чувството за мирис) кои пријавуваат пониско задоволство од сексуалниот чин и од врските воопшто.

Истовремено, интересен наод е дека машките маици мирисале попријатно доколку станувало збор за сингл (не нужно млади) мажи, бидејќи нивото на тестостерон се смета дека се намалува кога мажот ќе стапи во долга врска или брак, и особено откако ќе добие деца.

Наведените студии не го наведуваат влијанието на лукчето во таратурот или кромидот во шопската врз сексуалните преференци. И додека не се направи таква студија, бидете раат.

23 јуни 2021 - 11:49