Снимки на повеќе од илјада обични разговори од целиот свет откриваат дека луѓето ретко изговараат благодарност кога некој им помага. Секојдневните социјални размени, на осум различни јазици на пет континентни, покажуваат глобално непридавање значење на тривијални услуги, како на пример подавање на солта. Во просек луѓето велеле „фала“ еднаш на дваесет ситуации.
Иако англискиот е предводник по број на благодарења, со оглед на тоа што „фала“ во него било користено повеќе од кој и да е друг јазик, изразот сепак бил регистриран само во 14.5% од вкупниот број разговори на англиски.
Истражувачите велат дека во рамки на културите помалите заедници ја земаат здраво за готово соработката, па и не сметаат дека за секој најмал гест на добрина треба да благодарат. Во денес објавениот „Универзалии и културен диверзитет во изразувањето на благодарност“ во списанието Отворена наука на Кралското здружение се вели дека „во секојдневната неформална интеракција во светот, генералната норма е да се реагира на кооперативното однесување на другиот без експлицитно велење благодарам, туку со едноставно продолжување со активностите“.
Истражувачите проучиле 1.057 разговори снимени преку фиксни камери и микрофони во домови на оние кои се согласиле да бидат снимани нивните разговори, со семејството и пријателите. Во поформални контексти, како купување храна во продавници, научниците веруваат дека изразите на благодарност би биле повообичаени.
Осумте јазици на истражувањето ги вклучуваат ча’палаа во Еквадор, сиву во Гана, лао во Лаос, полски, руски, мурин-пата во Австралија, италијански и англиски. Англискиот како што спомнавме води, следи италијанскиот, а најмалку благодарам се вели на полски и на сиву. Најинтересен е случајот со номадите Ча’палаа, кои воопшто немаат збор за „благодарам“, нешто што не е невообичаено и за други јазици, а што нема врска со тоа дали одредена заедница меѓусебно се однесува љубезно или грубо. Освен „благодарам“ предвид биле земани и други изрази кои индицираат благодарност. Таков на јазикот муран-пата буквално гласи: „Така е, многу си убава“.
Претходно: Чудниот збор „фала“