Една од работите на кои треба да се навикне Индиец кој почнува да живее во Америка е обилното благодарење. Како што забележал новинар на Атлантик кој повеќе од десет години живее во САД, Американците кажуваат „фала" повеќе од 50 пати дневно, без да размислуваат, на луѓе кои не ги познаваат, од возачи на автобуси, касиери, службеници, до случајни минувачи. Благодарат на домашните и за најмала работа, како гасење на светлото или намалување на звукот на телевизорот, испраќаат картички со ваква порака за различни поводи, а имаат и празник на благодарноста, Thanksgiving.
Кажувањето пак „благодарам" на хинди не се прави туку-така. Зборот се резервира за оние кои ви направиле голема услуга, а малите благодарности се подразбираат и нема потреба да се изговараат. Ако сепак кажеш dhanyavaad (фала), а притоа не го гледаш човекот в очи, ниту пак има некој голем повод за благодарност, зборот се сфаќа саркастично, па дури и како навреда (нешто како нашето „е да бе, фала" или иронично „фала богу"). Затоа што искрената благодарност се укажува не само со збор, туку и со целото тело, со рацете на градите во гест на „намасте" и со желба за возвраќање на добрината или услугата.
Во Америка пак велењето „фала" често значи крај на трансакцијата и на муабетот - тоа е како точка на крајот на реченицата. Дури и ако некој ви се заблагодари што сте дошле на гости, што само по себе е необично бидејќи тие ве поканиле, тоа најчесто значи „време е да си одиш". Во Индија луѓето - особено ако се роднини или блиски пријатели - чувствуваат дека со тоа што им благодариш ја нарушуваш интимноста која постои помеѓу вас, наметнувајќи формалност и дистанца. Доколку кажеш фала на туѓинци, тоа може да иницира циклус на размена и блискост, но со семејството и пријателите таквиот однос би требало да е веќе воспоставен и да нема потреба од благодарности.
Помислете на ова следниот пат кога на полицаец, откако ви пишал казна и ви ги подава документите, махинално ќе му речете „фала".
Прилог: песната „Благодарам“ на Аланис Морисет, со стиховите Thank you India..