Лорд Монбодо - лингвистот кој шетал гол низ својот имот

Пионер на голем број модерни идеи, Џејмс Барнет или лорд Монбодо бил шкотски судија, филозоф и татко на модерната компаративна историска лингвистика. Истовремено бил ексцентрик кој верувал во вредноста на „воздушните бањи“ или проветрување на телото кое најдобро функционира без облека.

Џејмс Барнет (на сликата прв од десно) бил роден во 1714 на имотот Монбодо Хаус во Шкотска и уште како мал бил чудо од дете. Се смета за претходник на теоријата на еволуцијата, која ја промовирал во контекст на лингвистиката. Сметал дека јазичките способности на човекот се развиле од приматите кон раниот хомо сапиенс, но не само во смисла на вештини за говор, туку и во смисла на физичка форма на органите кои произведуваат звук (устата, гласните жици, јазикот, грлото), кои еволутивно се адаптирале така за тој да може поразговетно да комуницира. Всушност за него еволуцијата на јазикот била последната карика на поширокото прилагодување на човекот на својата околина, најпрвин со користење алатки, потоа со воспоставување социјални структури и на крај со јазикот.

Овој концепт бил навистина револуционерен за неговата ера, бидејќи отстапувал од класичното религиско мислење дека човекот бил создаден одеднаш, исто како и неговата способност за зборување. Парадоксално е што Монбодо бил длабоко религиозен, и не ја негирал улогата на Бог во опишаните настани, на кои само им било потребно повеќе време да се воспостават отколку што тоа го тврдела црквата.

Чарлс Дикенс знаел за Монбодо и во својот роман „Животот и авантурите на Мартин Чузлевит напишал: „Доктрината на Монбодо ја разгледува можноста човечката раса да била некогаш мајмунска“. Ова е значајно бидејќи оваа книга е објавена децении пред Дарвиновата „Потекло на видовите“.

Но ликот на Монбодо бил исто толку интересен колку и неговите дела. Тој се будел секое утро во четири и потоа шетал низ дома гол, со отворени прозорци, нешто што тој го нарекувал „воздушна бања“. Кога нудизмот бил прв пат воведен во Германија како мода во раниот 20 век (Фрајкорперкултур), Монбодо бил сметан за пионер на таквото движење. Често знаел самиот да јава на коњ помеѓу Единбург и Лондон наместо да патува со кочија. Некогаш кога врнело нарачал столче со „чадорче“ за да си ја однесе дома периката од судот додека врнело, додека тој одел крај неа. Вечерите кои ги организирал биле легендарни и на нив било голема чест да се биде поканет. Поетот Роберт Брнс токму тука бил вчудоневиден од убавината на Елизабет, ќерката на Монбодо, на која ѝ посветил една од најславните елегии кога таа ненадејно починала на 24-годишна возраст.

Eден од неговите контроверзни ставови се однесувале на „дивите“ деца, за кои сметал дека не се чудовишта, туку само души напатени на кои им е потребна нега и љубов. Дури и за орангутанот велел дека е човек, и тоа поради само една причина - затоа што според него бил способен да почувствува срам.

7 јули 2021 - 19:18