Љубов на маргините: белешки и предмети најдени во стари книги

Користените книги имаат една предност пред оние новите, што на нивните маргини често има испишано пораки-ехо од животите на луѓето кои некогаш ги читале. Еден проект на Универзитетот во Вирџинија се обидува да ги сочува во време на дигитализација.

Книшки траги (Book Traces) е проект на каталогизирање „маргиналии“ од книги објавени пред 1923, со тоа што поголемиот дел од збирката е од 19-тиот век. Испишаните белешки варираат од љубовна поезија испишана од сопствениците на книгите, преку едноставни цртежи и коментари на прочитаното, до исечоци од весници зачувани помеѓу страниците. Понекогаш тие се толку детални што преку нив може да се реконструира секојдневниот живот на оној кој ги напишал.

Таква е книга поезија на славниот американски поет Хенри Лонгфелоу, чиј сопственик била извесна Џејн Чепмен Слотер. Таа во книгата ги запишала своите спомени за заедничките читања на глас со нејзиниот љубен летото 1900, како „Ти го прочита ова и јас реков ’Ти одговара на гласот’ или ’Ова ми го прочита на денот кога рече збогум’“.

Слотер всушност била една од првите жени која докторирала Универзитетот во Вирџинија, организаторот на проектот за архивирање, на катедрата за романски јазици, во 1935. Тогаш имала цели 75 години! Нејзините собрани текстови и книги подоцна биле оставени на Универзитетот. Нејзиниот сакан бил Џон Адамсон, кој заминал за Либерија на мисионерска работа и никогаш не ѝ се вратил. Ова го дознаваме од самата книга, во која Слотер запишала: „Некогаш мој пријател, сега веќе не мој“.

Книгите поезија биле користени и за комуникација помеѓу љубовниците, со потцртување стихови кои би требало да пренесат пораки кои читателите на овие книги можеби немале талент да ги пренесат толку речито.

Дали имате вакви стари книги со необични белешки или предмети помеѓу нивните корици. Локна коса? Есенски лист? Сликајте ги и пратете ни ги тука заедно со приказната за нив, доколку ја знаете.

 

14 февруари 2017 - 10:51