„Кога свирам се претворам во летечки орел, во делфин кој плива, во чита која трча. Се претворам во дожд, во облаци, во бојата на небото. Не ги чувствувам повеќе прстите - не постојат прсти, не постои тело. Само јас и пијаното, пееме заедно“.
Вака вели Љубомир Мелник, украински композитор и пијанист, кој е познат по неверојатната брзина на движења на тие исти, „непостоечки“ прсти. Тој компонира тн. „континуирана“ музика, која подразбира пијано техника базирана на екстремно брзи ноти и комплексни серии, како и користење на педалата за да се создадат хармонски надтонови и резонанци.
Семејството на Мелник, роден во 1948, емигрирало од Украина за Канада, каде учел за класичен пијанист. Иако негови омилени композитори најпрвин биле Шопен и Бах, наскоро потпаднал под влијание на минимализмот. Неговите ставови се зацврстиле кога се преселил во Париз во 1970-тите. Паралелно студирал филозофија и, како и голем број боеми во тоа време, се интересирал за источните духовни практики и музики. Им се восхитувал на ситаристот Рави Шанкар и на гитаристот Џон Меклафин кои работеле со прстите „како да играат преку целиот инструмент“. Во текот на овој период работел како чистач во Париската опера. Танчарката Каролин Карлсон дознала за неговата пијанистичка виртуозност, и го замолила да ѝ биде корепетитор. Нејзиниот трансцедентален стил влијаел и врз неговите композиции.
Иако бил креативно исполнет, постојано гладувал. Но токму ова мачеништво според него му помогнало да го најде својот пат. Свирењето пијано го транспортирало некаде другаде, на место каде веќе не чуствувал глад.
Сега тој се споредува себеси со самурајски воин или кунг-фу гуру. Вели дека поврзаноста на свирењето инструмент со боречките вештини е сосема соодветна, затоа што обете тела - и она на воинот, и она на музичарот - треба да станат „течни“, сосема опуштени и предадени на она што го прават, за тоа да тече како вода, спонтано и природно.
Во минатите четириесет години Мелник има живеено во шума во Шведска, во Германија и во Торонто. Требало да помине доста време за светот да го забележи. Сепак, неговите обожаватели се главно вон класичните музички кругови. Неговата техника е прилично сложена па тој, иако сака да остави наследник кој ќе се занимава со континуираната музика, до сега нема успеано во тоа.
Има снимено 17 студиски и албуми во живо, а најновиот, „Паднати дрвја“ излезе во 2018. Во Скопје ќе можеме да го слушнеме и видиме во МКЦ на 22 август.