„Лик“ е општо музичко место, комбинација на седум ноти во различни скали, кои транскрибирано звучат отприлика вака: та-на-на-на-наа-на-нааа. Сте го слушнале, нели?
Иако фразата е позната од многу поодамна, името „лик“ датира од 2010-тите, кога е креирано од истоимена Фејсбук група, а целата работа е популаризирана од јутјуб видео на музичарот Алекс Хејтлингер, монтажа на повеќе примери на истото во различни музички жанрови и периоди.
„Лик“-от не е прв пат регистриран во џезот туку во класичната музика, на пример во „Огнената птица“ на Стравински. Сепак, најчесто е користен во џез импровизации, бидејќи е лесно прилагодлив на различни скали, темпа и „модови“. Во рок музиката се среќава во хитот „Оје комо ва“ на Сантана, во „Терминал фрост“ на Пинк Флојд или во песни на Лејди Гага и Кристина Агилера. Понекогаш е поочигледен, особено ако е инструментален, но има и позатскриени примери, чие разоткривање покажува дека „ликот“ е насекаде.
Како популарна говорна фраза, која кога еднаш ќе пушти корен се користи без да ѝ се знае точното потекло, лик-от понекогаш се користи дури и несвесно од композиторите и изведувачите. Бидејќи џезот во голема мерка е „разговор“ помеѓу инструментите, не е ни чудно што во него се појавуваат и вакви фрази кои претставуваат сврзни ткива, како низа прашања и по малку модифицирани одговори или повторувања.
Има додуша и хумористични употреби на тоа со повторувањето - дечко пет саата свири тоа па тоа, лик по лик. Па уште и носи маица со нотите. Ако сакате да се хипнотизирате во следните пет часа, повелете.