„Традицијата“ на користење слики од Плејбој од страна на (машки) компјутерџии започнала уште во 1961, кога студент на MIT во својата магистерска теза за процесирање слики употребил фотографија од Tеди Смит (слободно гуглајте). Во 1973 слична идеја му паднала на памет на професор по електроинженерство на Универзитетот Јужна Калифорнија, катедра за процесирање сигнали и слики. Тој и неговите студенти трагале по добра фотографија која требало да им послужи за конференциска статија, кога во просторијата влегол некој со тогаш најновиот број на Плејбој. Инженерите ја извадиле горната третина од „дуплерицата“ и ја скенирале, со што создале една од најкористените фотографии во компјутерската историја, претходник на денешниот jpg формат. Работата отишла до таму што се случувало во еден ист број на стручни списанија од соодветната област, „Лена“ да биде користена во неколку одделни статии, независно една од друга.
Целата приказна неодамна е актуелизирана во одлично дизајниран интерактивен текст на сајтот Пудинг, под наслов „Може ли еден податок да умре?“, кој започнува со прашање - зошто една од најстарите слики на интернет и понатаму живее без согласност на жената којашто е на неа?
Всушност, први кои судски реагирале биле од самото списание. Но компјутерските инженери и нивната приврзаност кон сликата превагнале, со што Лена е канонизирана на високо место во инженерскиот фолклор. Пошироката јавност сепак реагирала, користејќи ја приликата да укаже на генералниот сексизам во стереотипно машките компјутерџиски кругови, што всушност и овозможило толку долго време користењето не само на ликот на Лена, туку точно на една таква, во оригинал еротско набиена слика, да не биде проблематизирано. Дискусијата кулминира во 2019, кога излегува документарецот „Губејќи ја Лена“ (целиот тука).
Во него, Швеѓанката Лена Форсен, денес возрасна но се уште убава жена, вели: „Одамна се пензионирав како модел. Време е да се пензионирам и од интернет. Ајде да се договориме дека ќе ме избришете“.
Иако употребата на оригиналната фотографија (можеби токму поради овие дискусии) во меѓувреме е намалена, се забележува нејзино преселување од главно .орг домени пред 1990, кон над 100 различни домени денес, како .ком, .еду и други. Поврзано со последново, сликата на Лена и понатаму се појавува во прашања за домашна работа, слајдови за училишни презентации и во други материјали за новите генерации инженери. Сето ова најверојатно се прави ненамерно, повеќе од мрза и инерција, но го покренува прашањето за тоа каква моќ имаме во однос на нашите податоци и како тие се користат.