Лекција по откачување со стил: писмото на Волт Витман до обожавателка 

Славните личности низ историјата (а сигурно и денес) знаат да бидат арогантни па дури и ужасно нељубезни кога треба да се откачат од некој што ги опседнува со внимание и пораки. Но други можат да послужат како пример како тоа се прави - со такт и со стил.

Ен Гилкрајст, писателка и мајка на четири деца, станала самохрана мајка откако нејзинот сопруг, книжевен критичар, починал од скарлатина. Кога таа дошла до примерок на „Страци трева“, поетската збирка на Волт Витман, била восхитена. Својот восхит го споделила во анонимен есеј во бостонското списание „Радикал“, насловен со „Проценка на Волт Витман на една Британка“, при што „проценката“ била дека се работи за ремек-дело. Потоа по две години, таа почнала да му пишува и лично.

Во своите писма Гилкрајст вели: „Читањето на вашите книги претставува божествена прегратка на мојата душа. Никогаш претходно не сонував што може да значи љубовта: не она што значи животот.“ Таа му се исповедала и за смртта на мажот ѝ, а по некое време дека дури е и заљубена во него. „О драг Волт, зарем не го чувствуваш во секој збор здивот на женската љубов?“, му напишала таа, а откако не добила одговор молела тој да ја поштеди од тишината и страдањето со барем еден збор, за да не се чувствува како да е скриена од него со густ облак.

На 3 ноември 1871 - две недели по последното писмо - Витман конечно одговорил. 

„Чекав прилично долго време на вистинското расположение, за да одговорам на вашето писмо во истоветно сериозен дух какво што е тоа самото, и со истоветната неограничена доверба и симпатија. Имам повеќе секојдневна работа од кога и да е, и иако сум задоволен и добар со здравјето, моите најдобри расположенија изгледа како да бегаат од мене. Чекав ден, некој вид Шабат или свет ден, кога под искрени и благопријатни влијанија би бил сигурен дека би можел да ви го напишам писмото коешто ќе ви донесе радост, а и мене. Но морам без одолговлечување барем да покажам дека не сум нечувствителен на вашата љубов. Ви ја испраќам и мојата. И немојте да се чувствувате разочарана затоа што сега ви пишувам кратко. Мојата книга е моето најдобро писмо, мојот одговор, моето највистинско објаснување. Во неа ги имам вградено моето тело и мојата душа. Ова вие го разбирате подобро и поцелосно од кого и да е. И јас исто така јасно го разбирам љубовното писмо кое таа го поттикнала. Доволно за да знам дека сигурно постои една убава и деликатна релација, која би била со радост прифатена од нас обајцата“.

Ова е необично љубезен начин за да се каже „не сум заинтересиран“. Можеби и прељубезен, бидејќи Гилкрајст почнала уште поревносно да пишува, со уште похрабри изјави. На пример дека нејзинот живот нема друго значење освен „она да заслужам да ти бидам партнер“. Од тогаш натаму тој веќе не ѝ одговарал. Но приказната сепак има среќен крај: кога Гилкрајст на крај се преселила во Америка седум години по комуникацијата со Витман, тие станале блиски пријатели. Кога таа починала, Витман и посветил песна во која ја нарекува „мојата научничка-пријателка, мојата најблагородна жена-пријател“.

17 ноември 2021 - 16:41