Кој ти го кладе името

Kумот на Твитер

Џефри Чосер, познат како „татко на англиската литература", најголем англиски поет на средниот век, алхемичар, астроном и дипломат, е заслужен и за еден збор, кој 612 години по неговата смрт добива малку поинакво значење од она кое тој го имал на ум.

 

Големите писатели се такви затоа тоа што се способни да го освежат јазикот на кој пишуваат со нови, дотогаш непознати или малку користени зборови, да им вдахнат живот, и да ги внесат во главниот тек на секојдневната употреба. За Џефри Чосер и во текот на неговиот живот се знаело дека имал ваков талент, чии плодови англискиот - и не само тој - ги ужива и денес.

Облакот покажува некои од зборовите кои се негов придонес кон јазикот, како womanhood (женскост, женственост), sluttish (курвински), crude (сиров, груб) и уште голем број други зборови кој „сировиот вујко" на англиската поезија ги популаризирал. Меѓу нив е и twitter, кој како глагол според него означувал  „испуштање нежни тонови“, континуирано црцорење  на птица. Да знае за какви тролања, а не „нежни црцорења" се користи терминот, можеби би си го повлекол зборот.

Чосер е заслужен за прва употреба во литературата на околу 2,000 англиски зборови, од кои половината се заемки од француски или латински, а останатите се негови кованици, базирани на постоечки англиски зборови.

Освен по креативноста во зборообразувањето, Чосер е познат и по луцидни изреки како „Љубовта е слепа" или „Времето и плимата не чекаат никого". Пробајте пуштете ги на Твитер, во негова чест.

5 ноември 2012 - 10:40