
Нобеловиот комитет не успеал да стапи во контакт со еден од овогодинешните добитници на наградата за медицина – американскиот научник Фред Рамсдел, кој според неговите колеги моментално „го живее најдобриот живот“ на излет во природа, далеку од мрежа и технологија, некаде во руралниот дел на државата Ајдахо.
Рамсдел ја дели овогодинешната награда со Мери Брункоу од Сиетл и Шимон Сакагучи од Универзитетот во Осака, за нивните откритија поврзани со функционирањето на имунолошкиот систем, конкретно со т.н. регулаторни Т-клетки — „чуварите“ што го спречуваат имунитетот да го напаѓа сопственото тело. Нивната работа отвори ново поле во медицината и води кон нови третмани што веќе се тестираат клинички.
Колегата и пријател на Рамсдел, Џефри Блустоун од лабораторијата Сонома Биотерапеутикс во Сан Франциско, се обидувал да го пронајде, но без успех. Нобеловиот комитет имал потешкотии и да ја добие Брункоу, бидејќи и двајцата американски добитници се на западниот брег на САД – девет часови зад Стокхолм – но на крајот успеале да воспостават контакт.
Ова не е првпат комитетот да има вакви проблеми. Во 2020 година, кога ја доделуваа наградата за економија, еден од добитниците, Пол Милгром, мораше да биде разбуден среде ноќ од неговиот колега Боб Вилсон, кој отиде до неговата куќа за да му ја соопшти веста (секако и го сними истото, во видео кое стана вирално).