
Главна идеја на Стивен Пинкер во неговата нова книга е дека секое разбирање меѓу луѓето зависи од сложен систем на „споделено знаење“ – свеста дека не само што ние нешто знаеме, туку знаеме и дека другиот знае дека ние знаеме (еден вид „Затвореничка дилема“). Тоа создава можност за разумен дијалог, но може да биде и ризична почва за недоразбирања.
Споделеното знаење е неопходно за физичка координација, на пример кога се знае дека во одредена земја се вози на десната (или левата) страна, но и за социјална координација - од среќавање на исто место и на исто време до зборување на истиот јазик, без оглед дали тој е вербален или невербален (преку смеа, солзи, руменило, контакт со очи и сл.).
Пинкер ја нагласува важноста на овие заеднички знаења во сè. Неговата најубава мисла гласи дека „разумниот дијалог треба да личи повеќе на танц отколку на војна“ – процес на меѓусебна усогласеност, а не борба за надмоќ.
Сепак, критиките на книгата, како на пример онаа објавена во Wall Street Journal, велат дека пристапот кон темата на Пинкер, кој е социо-биолог, е површен, бидејќи не ги зема предвид сложените механизми на создавање знаење, од кое само мал дел станува споделено во мерка во која може да се тврди дека е препознатливо за мнозинството. Всушност, поголемиот дел од времето, никој не знае што навистина зборува другиот и разговорот се сведува или на монолог или на дообјаснувања, во смисла на „не, не го мислев тоа“. Теоријата на Пинкер, дека човечкото општество е „театар“ кој се раководи од конвенции и норми, а луѓето се рационални актери кои разбираат што точно значат нивните (и туѓите) мисли и зборови, е веројатно преамбициозна.
Подкаст со интервју со Пинкер на темата