Едно време во еден далечен град се родило проѕирно дете. Низ него можело да се гледа како низ воздухот и водата. Било од месо и крв, а изгледало како да е стаклено и кога паѓало не се кршело, само што на челото му се појавувала проѕирна џумка.
Се гледало како му бие срцето, се гледало како му играат мислите како шарени рипчиња во базен.
Еднаш по грешка детето изговорило една лага и веднаш луѓето виделе зад неговото чело нешто како огнена топка да се растопила. Оттогаш натаму во текот на целиот свој живот тоа не проговорило ниедна лага.
Друг пат еден пријател му поверил некоја тајна и веднаш сите ја виделе, како црна топка што му се вртела во градите и не му давала мира, а тајната престанала да биде тајна.
Детето пораснало, станало момче, потоа маж и секој можел да му ги чита мислите и да му ги одгатнува одговорите кога го прашале уште пред да го каже одговорот.
Се викал Џакомо, но луѓето го нарекле „Кристалниот Џакомо". Сите го сакале поради неговата чесност и во негово друштво сите станувале подобри.
За жал, во таа земја почнал да управува еден жесток диктатор. Почнал период на насилства, на неправди и несреќи за народот. Оној што ќе посмеел да се противи, исчезнувал без трага. Оној што се бунел - го стрелале. Сиромашните биле проследувани, понижувани и навредувани на стотици начини.
Но Џакомо не умеел да молчи. Дури и кога не ја отварал устата неговите мисли зборувале место него: тој бил проѕирен и зад неговото чело сите му ги читале мислите на револтираност - тојги осудувал неправдите и насилствата на тиранот. Потоа луѓето скришум ги повторувале Џакомовите мисли и ги подгревала надеж.
Тиранот заповедал да го фатат Кристалниот Џакомо и да го фрлат во најголемиот затвор.
Но тогаш се случило нешто несекојдневно. Ѕидиштата на ќелијата, во која бил затворен, станале проѕирни, по нив - ѕидиштата на затворот, и најпосле - надворешните ѕидишта. Луѓето, кои поминувале покрај затворот, го гледале Џакомо седнат на своето столче, небаре и затворот бил кристал, и продолжувале да му ги читаат мислите.
Ноќе затворот прскал силна светлина и диктаторот во својот дворец ги спуштал сите завеси да не ја гледа светлината, но пак не можел да заспие. Кристалниот Џакомо, иако во вериги, бил посилен од него, зашто вистината од посилна од сè друго, посветла од денот, пострашна од ураган.
Од „Приказни по телефон" (лектира за трето одделение) од Џани Родари, Скопје, 1984, превод Видое Подгорец