Семиологија/психологија

Кратка историја на „Да пукне!“

Од 2002 во Америка секој трет четврток од април (значи денес) се одбележува националниот ден на „да пукне“ (National High Five Day). Што треба да се прави на овој датум? Да се „пука“ колку што е можно повеќе, и така да се промовира добра волја меѓу луѓето.

Околу тоа кој го измислил овој гест нема консензус - некои сметаат дека тоа го сторил Глен Бурк, бејзбол играч на Лос Анѓелес Доџерс, кој спонтано му направил „да пукне“ на негов соиграч во 1977 (за неговата, инаку тажна судбина, претходно тука). Други велат дека целата работа ја започнал кошаркарскиот тим на Луисвил една-две години подоцна. Бидејќи точен податок нема, секој може да си направи своја приказна. Но она што со сигурност се знае е дека ова е „логичен“ пандан на ниското „да пукне“ (low five, гест познат и како „плескање кожа“, кој бил популарен меѓу џезерите во 50-тите на минатиот век. Групата Д Ендрјус Систерс, на пример, има и песна посветена на него:

Зошто овој гест е толку популарен? Затоа што е допир кој очигледно нема намера да повреди, туку има за цел да сигнализира заедништво, припадност на ист тим, без оглед дали тој е спортски или другарски. „Да пукне“ е знак за добро завршена работа, победа, поздрав помеѓу „наши“. Има и верзии со две раце/десети прсти (high ten), со стиснати тупаници од која едната (демек смешно) „експлодира“, или „пукање“ во воздух без реален допир (идеално за оние загрижени за хигиена).

Има и „да пукне“ бон-тон: не биди бавен, зошто така пропаѓа финтата, и не го оставај другиот да стои со крената рака предолго, затоа што така испаѓа дека не си му другар.

А сега, да пукне!

 

20 април 2017 - 18:06