На 28 декември 1903, во особено сурова руска зима, еден бездомник умрел од пневмонија на кревет кој го изнајмил во соба полна туѓинци со слична судбина. Николај Фјодоров умрел како маргиналец, и денес останува речиси непознат на запад, но неговиот живот бил славен од Толстој и Достоевски, како и од група посветени фанови.
Денес, точно како што предвидел, Фјодоров живее необичен задгробен живот. Тој е икона на трансхуманистите низ целиот свет и духовен водач за меѓупланетарни истражувања.
Неговата сиромаштија била верски избор, а не материјална неопходност. Бил вонбрачно дете на принцот Павел Гагарин, и своето рано детство го поминал на семејниот имот, до ненадејната смрт на татко му и дедо му, принцот Иван Гагарин. Иако семејството немало роднинска врска со првиот космонаут, Анастасија Гашева од Музејот и библиотека Фјодоров во Москва вели дека има „значајна симболичка коинциденција помеѓу Гагарин кој го предвидел првиот лет во вселената на филозофски начин, и Јуриј Гагарин кој станал првиот светски космонаут“.
Фјодоров живеел аскетски живот, само на леб, чај и вода - но интелектуално живеел сто на саат. Бил домаќин на неформален интелектуален салон, а неговите приврзаници го нарекувале „Московски Сократ“. Достоевски го обожувал „тој голем мислител“, кој особено му бил драг поради живеењето согласно верата, а не само нејзиното теориско прокламирање.
Толстој и Фјодоров, пак, споделувале силен отпор кон војната. За универзитетите вториот велел дека станале „ништо повеќе од фабрики и воени бараки кои им служат на индустријализмот и милитаризмот“. Обајцата сакале да ги пренасочат деструктивните воени енергии во еколошка обнова. Како и Толстој, и Фјодоров се спротивставувал на идејата за книги како приватна сопственост. Неговите дела биле објавени постхумно и биле придружени со налепница - „Не е за продажба“.
Неговата филозофија се нарекувала „филозофија на заедничката задача“, и предвидувала буквално воскреснување на предците од страна на секоја нова генерација. Ова би довело до пренаселување на нашата планета и нужна потрага по други. Сепак, наместо да се оживува она што е веќе мртво, неговото решение било радикално - смрт за самата смрт.
Најбрилијантниот ученик на Фјодоров бил Константин Циолковски, кој на 10-годишна возраст целосно оглувел поради треска и не можел да оди во обично школо. Три години учел кај Фјодоров каде се фасцинирал со идејата за колонизација на вселената. Живеел сам во изолирана колиба, посветен на проучување на „благосостојбата на секој атом“, а неговото најзначајно дело излегло непосредно пред смртта на неговиот ментор - „Истражување на космосот со помош на ракетни средства“. Ова било пионерска астронаутичка теорија, која прв пат докажала дека вселенските летови се можни, секако доколку се обезбеди потребната технологија. Сета логистика, која вклучувала и вселенски станици со затворени биолошки системи кои би обезбедувале храна и кислород за колониите, подоцна ќе ги инспирираат советските инженери.
Фјодоров и Циолковски се основачи на интелектуално движење наречено „Космизам“ кое извршило значајно влијание во филозофијата, теологијата, науките и визуелните уметности на почетокот на 20 век и во текот на советскиот период. Неговите ставови се уште поактуелни денес, на пример Фјодоровата критика на конзумеризмот, „играчките“ кои ни го одземаат вниманието и имагинацијата и неговото инсистирање на колективен спас - „не само за себе и не само за другите, туку со сите и за секого“. Сето останато е недостаток на фантазија и „манифестација на нашата инфантилност“.