„Коронавирус“ постоел во 2017 - во стрип за Астерикс и Обеликс

Понекогаш, колку да се освежиме, отвараме портали на јазици кои не ги владееме добро, чисто да видиме дали целиот свет е во еден голем медиумски „бабл“ или има и малку поинакви теми. Еве една, од Франција

„Астерикс и трката со кочии“ (Astérix et la Transitalique) е 37-ма книга во серијата за Астерикс, и трета напишана од Жан-Ив Фери и илустрирана од Дидие Конрад. Книгата е објавена глобално на повеќе од 20 јазици на 14 октомври 2017, со почетен тираж од 5 милиони копии.

Содржината е отприлика оваа - како реакција на критики за очајните услови на римските патишта во регионот, сенаторот Лактус Бифидус предлага трка со кочии по италијанскиот полуостров за да го докаже спротивното. Таа треба да биде отворена за секој кој сака да учествува, но Цезар инсистира дека победник мора да биде Римјанин, во спротивно Бифидус ќе биде прогонет во денешна Либија.

На трката се приклучуваат и Астерикс и Обеликс и по пат се запознаваат со другите натпреварувачи. Тимот на оние кои е наместено да победат, Римјаните, се состои од двајца возачи. Едниот се вика Бацилус, а другиот - Коронавирус. Вистинското име на вториот е  всушност Тестус Тероне а Коронавирус му е „уметничко“. Сепак, тој се откажува од трката кога сфаќа дека неговиот совозач мамел. Заменет е од страна на самиот Цезар, кој речиси победува но во последен момент заглавува во дупка.

Некои од ликовите се очигледни карикатури на реални личности. На пример, газдата на кафаната во Парма личи на Лучијано Павароти, а тркачот Коронавирус е направен според возачот на Формула 1, Алан Прост. Тајкунот Лупус пак неодоливо потсетува на некогашниот италијански премиер, Силвио Берлускони.

Италија, трка, хаос, вируси, Корона...Можеби на авторите им се видело згодно тоа што „корона“ значи круна па така го нарекле потенцијалниот победник на трката. А можеби оној кој го именувал актуелниот коронавирус го имал читано Астерикс. Веројатно никогаш нема да знаеме.

извор

5 март 2020 - 08:01