Како Луис Армстронг станал „Сачмо“?

Малкумина музичари оставиле толку длабока трага во историјата на џезот како Луис Армстронг. Освен по виртуозната свирка на труба и препознатливиот глас, тој остана запаметен и по прекарот „Сачмо“, кој со текот на времето стана речиси подеднакво славен како и неговото вистинско име. Зад овој необичен прекар се крие интересна приказна, исполнета со хумор, случајности и духот на Њу Орлеанс.

Луис Армстронг пораснал во Њу Орлеанс, град во кој давањето прекари било дел од секојдневната култура. И самиот подоцна раскажувал дека луѓето таму уживале и да измислуваат прекари и да ги носат (значи нешто ко битолчани). Во текот на младоста го викале Дипер и Гејтмаут, но најпознат станал прекарот „Satchelmouth“ (буквално „уста како торба“).

Постојат неколку објаснувања за неговото потекло. Наједноставното е дека Армстронг имал голема уста, па прекарот природно произлегол од тоа. Според друга, попопуларна приказна, како момче заработувал пеејќи по улиците и заработените пари ги криел во устата за да не му ги украдат, што дополнително го зацврстило прекарот.

Во 1932 година се случила интересна случајност што го создала името по кое денес е најпознат. Уредник на британското музичко списание Мелоди Мејкер сакал да го поздрави со прекарот Сечелмаут, но бидејќи го слушнал само преку разговори и снимки, погрешно го изговорил како Сачмо. Наместо да се навреди, Армстронг се насмеал и веднаш го прифатил новото име, дури охрабрувајќи ги и своите пријатели така да го ословуваат.

Оттогаш „Сачмо“ станал негов заштитен знак. Го користел кога им се претставувал на луѓето, го врежувал на своите инструменти, а медиумите го употребувале во написите за неговите концерти и нови снимки. Прекарот се појавил и во насловот на неговата автобиографија „Сачмо: мојот живот во Њу Орлеанс“, како и во документарниот филм „Сачмо Велики“. За време на меѓународните турнеи, кога настапувал како културен амбасадор на американскиот џез, честопати го нарекувале и „Амбасадор Сач“.

И по неговата смрт, името „Сачмо“ продолжува да живее. Фондацијата „Louis Armstrong Educational Foundation“ ги користи правата на прекарот за образовни и хуманитарни програми, меѓу кои е и наградата Сачмо авард, што им се доделува на истакнати џез-музичари и педагози.

6 август 2026 - 15:23