Користено масло, урина: најбизарните даноци во историјата

Черчил сметал дека желбата една нација да просперира преку сопствено оданочување е како човек кој стои во кофа да се обидува да се крене себеси со рачката. Но историјата е полна со кралеви и влади кои се обиделе да го сторат токму тоа, без оглед колку им била дупната кофата.

Готвење со користено масло

Фараоните на древен Египет не се зафркавале кога станувало збор за даноци. Одбегнувањето на плаќањето или неточните пријави биле казнувани со мачење или смрт, а цела армија службеници имале задача да обезбедат даноците да се плаќаат на време, по сите ставки - од жито до транспорт на пиво по течението на Нил. Да имало тогаш фаст-фударници тие ќе имале голем проблем - рециклирањето масло за готвење било незаконски, а владините службеници имале право да влезат во домовите и дуќаните и да го бараат. Доколку маслото било најдено, следувало казнување на сопственикот со соодветен данок, и обврска тој да си купи тазе.

Урина

Собирачите на урина биле вообичаени во јавните тоалети на древен Рим. Таа била користена за бројни процеси, како чистење и обелување волнени тоги и заби. Така, кога царот Веспазијан требало да си ги наполни џебовите, тој одредил данок на урина, кој требало да го плаќаат сите трговци со јавна мочка. Латинската изрека Pecunia non olet - парите не смрдат, која се користи и денес, му се припишува токму нему. Тој и умрел на тоалет, од експлозивна дијареа.

Кукавици

Доколку некој витез во средовековна Англија сакал да го минува времето на друг начин, а не да се бори во војни, тој морал да плати данок кој станал познат како „данок на кукавиците“. Тој му овозможувал да не се изложува на ризик во одредена воена кампања. Кралот Џон, кој владеел од 1199 до 1216 го злоупотребувал овој данок, често барајќи негова исплата дури и кога земјата воопшто не била во војна.

Ергени

Кога Август, првиот император на Рим, почнал да ги наградува семејствата со три или повеќе деца (особено ако биле синови), неженетите мажи со повеќе од 38 години биле опфатени со ергенски данок, а им било забрането да учествуваат (и како публика) на јавни игри. Со законот наречен Lex Julia de maritandis ordinibus, царот забранил и бракови без деца и целибат.

Низ историјата ваков данок бил наметнуван во повеќе контексти и времиња. Во 1695 англискиот парламент оданочил ергени постари од 25 години, како и вдовци и вдовици без деца. Од 1941-1990, СССР исто така ги оданочувала оние кои живееле сами, како и малите семејства, а со цел да се сузбие опаѓачката демографија.

Бради

Петар Велики наметнал данок на своите брадосани субјекти. Во 1698, за Русија да и се приближи на Западна Европа и во овој поглед - изгледот на мажите да стане по „цивилизиран“ - тој предвидел годишна такса за сите кои сакале да си ги сочуваат типично руските, долги и густи бради. Посиромашните поданици можеле да носат брада за само две копејки годишно, но побогатите морале да платат 100 рубљи. Оние кои немале платено, а ќе биле фатени со брада, насилно биле бричени од полицијата. Доказ за уплатата била бакарна паричка со изгравирана брадичка (слика горе) која морала да се носи постојано со себе.

Прозорци

Овој данок прв пат бил имплементиран во Британија, и се однесувал на побогатите, кои воопшто имале прозорци во куќите. Иако делува дека данокот се однесувал токму на нив - на куќните отвори - тоа всушност бил само елемент на проценка на богатството на одредена фамилија. Сепак ова не поминало без проблеми - дефиницијата на тоа што е „прозорец“ испаднала комплицирана, а некои луѓе биле оданочени дури и за такви отвори кои никако не можеле да се квалификуваат како асли прозори. За да се одбегне плаќањето данок тие ги затворале и тоа малкуте прозорци кои ги имало, што уште повеќе ги влошило хигиенските и здравствените услов. Данокот бил повлечен во 1851.

Данок на играње карти во Англија

Оваа забава била оданочувана уште од 16 век, но во 1710 англиската влада драматично ги зголемила давачките на каква и да е игра со карти и коцка. Оданочени биле производителите на карти, со што и цената на шпиловите пораснала. Ова секако довело до тоа населението да си изработува свои, но ако некој бил фатен со самоделски шпил казната била - бесење. Данокот, барем на хартија, постоел до 1960, значи цели 250 години.

извор

29 јануари 2021 - 10:38