Првата професионална примена на анестезијата во САД ја извел забар кој барал начин да ја намали болката од вадење заб на пациентот. Во 1846, Вилијам Мортон успешно го употребил етерот како анестетик во општата болница во Масачусетс. Пациентот се препелкал и се дерел на стоматолошкиот стол, но подоцна пријавил дека не почувствувал никаква болка, „само студен инструмент кој му поминува низ вратот“.
Неколку години подоцна, медицинските здруженија низ САД и Европа ја прифатиле анестезијата. Но истовремено се јавиле и критичари, кои покренале пошироки прашања за улогата на медицинската професија во намалување на страдањето.
Од една страна на контроверзата биле лекари кои сметале дека имаат професионална обврска да ја намалат болката кај пациентите. Без оглед на ризиците од анестезија, тоа била нова алатка во арсеналот на хирурзите, која им овозможувала да ја испочитуваат Хипократовата заклетва, делот на „не прави штета“.
Од другата страна биле медицински професионалци загрижени за потенцијално убиствените ефекти на анестезијата. Тие сметале дека болката била нужна, иако несреќна последица на операциите, и дека ниту еден живот не смее да биде ставен во ризик само поради нејзино намалување. Нужноста на болката ја промовирал и доктор Бенџамин Раш, познатиот лекар и потписник на Декларацијата за независност, кој бил убеден дека колку што е поопасна болеста, толку треба да е поболен лекот. Оттаму, наметнувањето болка од страна на хирурзите и нејзиното издржување од страна на пациентите биле сметани за херојски доблести.
Но во контроверзата околу употребата на етерот имало и политичка димензија. Со оглед на тоа што дебатата еруптирала во егалитарната атмосфера на демократијата на Ендрју Џексон, седмиот претседател на САД, секој аргумент за или против употреба на анестезија всушност го продлабочувал јазот помеѓу професионализмот и популизмот - поддршката на употребата на анестезијата ги подгревало популистичките чувства. Oд друга страна, самиот Мортон, оној кој прв употребил анестезија за стоматолошка интервенција, сакал да профитира од своето откритие, и своите аргументи за употребата на етерот ги промовирал и во оваа смисла.
Со оглед на тоа колку е вообичаена анестезијата денес, дури и за сосема мали и не толку болни интервенции, поддржувачите на Мортон победиле. Но од друга страна, широкоградото препишување лекарства против болки може да доведе до национална епидемија на нивно користење (каква што владее денес во САД) и зависност од исите. Оттаму, дискусиите за потребноста на тоа човек да може да издржи барем умерена болка е исто толку актуелна колку и во 19 век.