„Величе" во македонскиот ни е омилен пример за фузија на две само навидум контрадикторни идеи - онаа за грандиозноста и великоста, и онаа за деминутивната деликатност и маленкост, нешто како дрвено железо во светот на зборовите. Примерот кој се уште не фатил корен, но го промовираме, е „Ројалче" за означување на сè произлезено од илузијата за империјалната моќ (а знаеме како завршиле повеќето кралчиња во историјата). Како и за повеќето работи кои мислиме дека први ги забележуваме, и оваа науката одамна ја има и регистрирано и именувано. Во лингвистиката овие зборови се нарекуваат - контроними.
Контроними се зборови кои имаат две или повеќе спротивни значења, што е форма на полисемија, или повеќезначност. Се викаат уште и авто-антоними, антагоними или Јанус зборови (демек имаат две лица, како митолошкиот лик). Ги има во повеќе јазици, и можеме само да замислиме какви збунки им прават на оние кои не го зборуваат јазикот како мајчин. На пример huésped на шпански може да значи и домаќин и гостин. Во хебрејски и јидиш шалом значи и здраво и збогум, исто како и „алоха" на хавајски. Во латинскиот sacer може да значи и свет и озлогласен. Најсмешно е што на хинди и урди „кал" може да значи и вчера, и утре.
Но самиот збор „контроним" прв пат се појавил во 1960, а негов автор е извесен Џозеф Т. Шипли. Во англискиот врие од примери. Еве некои од нив:
Lease (или rent)
Да се даде под наем, или да се изнајми (и во македонски е двозначно).
Out
Видливо (како кога месечината е „аут") или невидливо, како електрична светилка кога ќе се изгаси.
Sanction
Да се одобри, или да се бојкотира.
Screen
Да се претстави, или да се скрие.
Skin
Да се отстрани (на пример кожа од животно заради крзно) или да се покрие (со кожа или друг материјал).
Trim
Да се декорира (како Божикно дрво) или да се отстрани вишокот (како со мустаќи).
Според некаква квази-еволутивна јазична логика, оние зборови кои не се корисни и само создаваат недоразбирања би требало да отпаднат од јазикот, како неприлагодени организми. Ама овие, и голем број други, се живи и здрави и не мислат бргу да згаснат. Некои од нив, барем во англискиот, произлегуваат од нивното различно толкување во американскиот и британски англиски. Други се резултат на првично погрешна употреба, која потоа се вкоренила во јазикот, па почнала да се користи паралелно со оригиналната, односно „точната“. А голем број збунки произлегуваат и од средбата на два јазика каде два хомоними (зборови кои звучат исто) значат нешто сосема спротивно. Како предупредувањево?