Седнувам да го гледам, Робин Рајт се расплакува, ја убедуваат да се продаде како актерка, неколку пати ја прашуваат колку години има, си викам, Ете, тоа е, жена е, ѝ поминуваат годините, сакаат да ја земат цела, онаква каква е во моментов и таква да остане во некој замислен свет, оти времето ѝ поминува, старее. И, почнува анимираниот дел, сфаќам дека сум забегала (многу ѝ давам понекогаш за право на феминистката во мене) и почнувам да ја чувствувам тежината и растргнатоста помеѓу времето, желбите, правото на избор и вистината. И сега се прашувам, навистина ли е вистината толку непостојана, дали навистина сè е во нашите глави, и која е цената на изборот? Со други зборови, мора да се види, шо ќе почувствувате зависи од вас. Отидов пак да го гледам....
„Конгрес" на Ари Фолман успева во две работи кон кои веројатно целела авторската замисла - да ги прикаже претпоставените правци во кои би се развивала уметничката креација во иднината и да ја долови мачната атмосфера која ја носи таа претпоставена иднина. За жал, обете исходишта не се производ на авторската креација, туку нејзин нус-производ. По однос на претскажаната иднина обоена со технодетерминизам и обременета со усилени дијалози на почетокот на филмот, авторот единствено успева да не убеди дека и во секоја од можните иднини лошите дела ќе бидат лоши а добрите добри, независно од развојот на технологијата и општеството одредено од неа.
Мачната атмосфера, пак, доаѓа од неспособноста да се изведе течна наративна линија која ќе го заведе гледачот оставајќи му компактно доживување врз основа на кое ќе донесе суд за понудениот дискурс. Наместо тоа, мачењето произлегува од обидот на гледачот да ги поврзе контролните точки на наративот. Дури во последната третина во филмот, онаа растеретената од дијалози, доаѓа до израз Лемовското во темата, а заедно со него и олеснувањето дека не е книжевното дело кое е основа на филмот она што ја обременува изведбата, туку поверојатно холивудската претенциозност за оставање свој белег преку нешто што веќе оставило доволен белег во уметноста, а тоа е книгата на Лем. Последната третина во филмот воедно е онаа која делумно го амнестира режисерот, оставајќи го да го прави она што најдобро го умее и со кое впрочем се прослави преку „Waltz with Bashir". Тоа е мигот кога трпеливиот гледач, еден од малкумината такви верувам, добива каква-таква награда за изгледаното дотогаш.
"Ultimately, everything make sense. And everything is in our mind."
Најверојатно најточен превод би било дека сè ни е во мислите... И можеби не сум обрнала многу внимание на други филмови, па во овој тоа си го доживеав најемотивно и најбуквално до сега; можеби затоа што малку го визуелизирале. Има многу убав и многу чуден свет без его. Можеш да избереш што сакаш да бидеш, од каде сакаш да почнеш и каде сакаш да продолжиш. Буквално.
"- Where is everyone?
- They hallucinated themselves out. To freedom."
Убава оваа Робин Рајт...
The Congress е два филма во еден. Првиот филм е игран, со Robin Wright и Harvey Keitel во главните улоги, и со провокативна приказна што ме потсети на еден стар стрип со Марти Мистерија во кој глумците се дигитализираат и стануваат само уште еден специјален ефект за масовна забава. Вториот филм е анимиран, со гласовите на Robin Wright и Jon Hamm, и со приказна инспирирана од Stanislaw Lem во која виртуелниот глумец станува дрога за масовна потрошувачка. Ако доволно си ја трескам главата (или барам други патишта до повисока свест), веројатно и ќе успеам да најдам врска помеѓу двата сегмента, благодарение на нишките од технофобија, феминизам и хичкокијанско потценување на актерот проткаени низ сценариото. Но продукцискиот дизајн на The Congress ги става сите овие нишки во втор план, хипнотизирајќи нè со бравурозната анимација и со бескрајно тажните очи на главните ликови, техники кои режисерот Folman веќе ги доведе до совршенство во својот претходен филм, Waltz with Bashir. Тhe Congress е визуелно толку богат, што заслужува да се погледне барем уште еднаш. Сепак, ако некогаш го направам тоа, планирам да гo исклучам гласот во моментот кога ќе започне анимацијата и да си го пуштам во позадина Dark Side of the Moon на Pink Floyd. Само така ќе можам комплетно да уживам во филмот, помирен со конфузната приказна, со виртуелната Robin Wright, и со тоа што ми го заменија Harvey Keitel од крв и месо со анимиран Jon Hamm.
Можеле и до пола да го прекинат филмов... да си го продаде карактерот и да се развие муабет за иднината на (филмската) уметност и сл. Преминот во анимиран дел е без врска, слабо поврзан, со многу скокови... На почетокот долго се гради приказната за после да се скока во димензии по повеќе основи и да нема поента на крај... И сега го направи ли конечно вистинскиот избор? :)
Патем, глумицата заради House of Cards ептен ме бендиса... ама сакав да глеам повеќе од неа, а не анимиран карактер. Сепак ова може да е само заради тоа што не сум фан на аниме :). Како и да е, не би го препорачал филмов за гледање.
Претходни изданија на #твитерфилмскиклуб
- Disconnect (2012) - „Ноќен воз за Лисабон“ (2013)