Нова Букбокс рубрика

Отвoраме #твитерфилмскиклуб

Добредојдовте во новата Букбокс рубрика, во која твитерџии гледаат филм и коментираат за него. Како за прв пат формиравме „работна група", која би сакале да ја прошириме со вас.

Знаете она, недела попладне, жива досада, сакате нешто да гледате, ама појма немате што. Ако сте на Твитер, вообичаена постапка е да пуштите едно „Абе ај кажете добар филм" и веднаш почнуваат да се трупаат сугестии со линкови. Е, ама таму нема место за многу-многу да се објаснува зошто некој филм (не) чини. Затоа ја воведуваме рубриката во која ние - твитерџиите - ќе гледаме еден филм, дома сам по сам, во организирани групи во кино, или на филмски твитапи и после ќе си пишеме кој што мисли за него.

Првата задача беше да се изгледа Disconnect (2012) на Хенри Алекс Рубин. Зошто баш тој? Затоа што зборува за интернет, а ние нели сме таму. Мислам, тука. Добро де, кај и да е интернет.

Ако сте го гледале може да се придружите во муабетот во коментарите, а може и да се подготвите за следното. Тоа е „Ноќен воз за Лисабон" (2013) Зошто овој? Заради најмалку две работи: правен е по книга, и во него глуми Џереми Ајронс.

Испраќајте ги вашите коментари во должина од еден краток пасус тука, со наслов #твитерфилмскиклуб, најдоцна до 20. април и ќе ги објавиме збирно во следното издание. Ако уште не сте на Твитер, еве ви повод да се придружите на ова шарено друштво.

@qantarot

Како да се преведе насловот на овој смртно сериозен и на моменти фасцинантен филм? Како именка или како императив? Режисерот Henry Alex Rubin (Murderball) започнува со ладна глава и клинички пристап додека ја набљудува внесеноста на главните ликови во нивните виртуелни светови полни со сајбер-секс, сајбер-малтретирање и сајбер-криминал. Но кога трите паралелни приказни започнуваат да се испреплетуваат, растат и децибелите и мелодрамата, сè додека во втората половина од филмот бесшумните чет-балончиња не им отстапат место на викотници, солзи и тупаници. Филмот завршува со емотивна катарза и евтина проповед - исклучете се од мрежата и повторно ќе се поврзете со блиските! Неодминлива е споредбата со Black Mirror, британската телевизиска серија што ги постави стандардите за техно-параноја. За разлика од Disconnect што смета дека причината за отуѓеноста е технологијата, Black Mirror знае дека проблемот е во самите нас, со или без црните огледала. Бидејќи Disconnect ги штеди своите ликови и проповеда едноставни решенија за комплексни прашања, мојот превод на насловот се совпаѓа со мојата препорака за филмот: ИСКЛУЧ!

@sead933

Филмот Disconnect во нова форма и тематика го потврдува влијанието на технолошкиот детерминизам во нашите животи и неговата позитивно-негативна двојност. Автомобилот ни помага да се движиме подобро и побрзо во просторот, но ако се потпираме само на него закржлавуваат нашите моторни способности. Слично е и со средствата за комуникација, ако претерано се врземе кон нив и нивната лесна употреба, закржлавуваат нашите комуникациски способности. По гледањето на овој филм кај мене се засили помислата дека на вмрежениот човек му се потребни пандани на џогирањето, бајкингот и слични овиди за ревитализација на неговите природни способности.

@karadza999

#Disconnect е најмалку филм за технолошката гибел. Дигиталниот садизам, социјалниот хакирање и парафилијата на webcams секс зависниците се само убиквитетот на информатичката околина која го интезивира до болка расчекорот на интимното искуство и ужасот од нашето делување. Henry-Alex Rubin не говори за баналноста на злото, туку за личното драматично соочување со најзлокобниот демон во нас. Соочување на она што навистина сме со она што сме создале од себе си. Филмот е за егзистенцијалниот и нужен Lacanian split во нас, токму затоа што уверува дека пеколот на личниот немир е онолку потраорен колку што е поголем расчекорот помеѓу приказната која си ја раскажуваме за самите себе си и она што го правиме како осмислена последица од раскажаното ни перформативно себство. Henry-Alex Rubin во секој лик вметнува една лична паралакса како една лична драма на соочувањето со себе си. А тоа соочување, како уверливо раскажува филмската игра, не е ништо друго освен интимен трепет кои ги доведува до болната согледба дека: ние никогаш не сме она што мислиме дека сме. #Disconnect со нетипичниот топол и happy епилог за драмската филмска трагика, веројатно сугерира дека иако нема победник во болеста на смрт, сепак враќањето кон заборавеното и вистинско себе може да успокои барем за миг.

@JBurgundi

Глуп филм, глупа прича...
Немојте да губите два саати од вашиот живот доколку сте над 13 години....

@Martin_Nikolic

Низ три различни приказни кои се независни меѓу себе, Disconnect на сосема убедлив и автентичен начин го актуелизира прашањето за способноста на човековата природа да се прилагоди на промените кои ги носи новата, дигитална ера. Потенцирајќи ги негативните аспекти кои произлегуваат од злоупотребата на социјалните мрежи и новите технологии, режисерот Хенри Алекс Рубин нè потсетува дека иако дигиталното „доба" нè поврза како никогаш досега, сепак, истовремeно, бришејќи ги границите помеѓу јавното и интимното, неповратно нè „дисконектира" од можноста (а можеби и од потребата!) да бидеме сами.

@redkarenina

Ако сиот реален свет веќе ни е пренесен на мрежата, сите наши чувства и мисли, потреби и пороци, пријатели и муабети, фотографии и песни, тогаш кој ни го живее животот?! „Disconnect" е критика токму на оваа човекова потреба да бара прибежиште на интернетот, не стравувајќи од вообичаените неуспеси на реалноста. Иако повремено здодевен тој до самиот крај упорно ја следи приказната за опасноста која не демне. Филмот од мене добива една просечна тројка.

@superman237

Математиката на филмот е за некоја генерација родена од 89та па нагоре. Приказна која на крај не остава со:Дури нема размена на возидшка , допир на месо со месо и муабет очи в очи нема потреба од грижа на совест. Соочувањето со себе и своите одлуки во дигиталниот свет е многу полесно, оти нема никаква жива интеракција. Развлечена приказна за да поентира со моментот дека Хомо Сапиенс не е дораснат за целосно прифаќање на дигиталната комуникација. Некој нов Хомо Дигаталис треба да еволуира од нас, некој со помалку чувства и човечност а повеќе практичност. Не е филм што би го гледала уште еднаш.

@adoohoho

И? Што направија? Од готово вересија. И пред филмов знаев дека цивилизираниот свет е сведен на незаинтересирани и отсутни родители и копиљаци - садисти. Супер спакувана патетика, на која што интернетот ама ич не и е крив. Глуп филм.

п.с.

"Ако правиш нешто за кое не сакаш никој да дознае, можеби не треба воопшто да го правиш," Ерик Шмит.

@ilinabookbox

Има и многу поинтересни филмови и серии кои зборуваат за тоа не дали, туку како технолошкиот напредок го поттикнува и вади најлошото од луѓето, кое (види под б: Балашевиќ) чучи и дреме во секој од нас и го чека вистинскиот час. Ако веќе сте го гледале „Црното огледало", на пример, овој ќе ви биде гола вода. Но иако е на моменти лигав, не е дека нема поента. Врзувајќи неколку приказни на луѓе кои се изгореле од интернет комуникацијата, што финансиски, што психолошки, тој во насловот сугерира дека спасот е во исклучувањето. Дали ако сега го исклучам компјутерот ќе бидам посреќна и побезбедна од сите зла на светот? Не баш. Ама некогаш ќе пробам. Чисто онака.

8 април 2014 - 08:19