Колку тажно, колку прекрасно: мистеријата на Кони Конверс, „женскиот Боб Дилан“

Нова книга под наслов „За сите што некогаш ќе прашаат: животот, музиката и мистеријата на Кони Конверс“, новинарот и музичар Хaуард Фишмен го истражува талентот и животот на кантавторката за која малкумина знаат.

Во 2010, Хауард Фишмен, музичар и писател, бил на забава кај пријател, кога на звучниците одекнала песна која истовремено му звучела и сосема нова и сосема позната. Женски глас со меланхоличен тон пеел за „местото наречено Лоунсом“. Таа била толку убава што целата просторија како да исчезнала. Домаќинот му објаснил дека тоа е Кони Конверс, која снимала во сопствената кујна во 1950-тите, но никогаш не нашла публика за нејзината музика. Потоа еден ден влегла во автомобилот и исчезнала.

Во 2009, нејзините снимки од педесетите се појавиле на независно продуциран албум под име „Колку тажно, колку прекрасно“, кој само на Спотифај имал 16 милиони стриминзи, а потоа нејзини песни биле обработени од Лори Андерсон и други музичари. „Имам десетина фанови низ целиот свет“, Конверс изјавила во текот на нејзиниот живот, хумористично маскирајќи го своето разочарување. За жал не ги дочекала своите минути слава. 

Се родила како Елизабет Итон Конверс во 1924 во Њу Хемшир, како второ од три деца. Нивниот татко мил свештеник а мајката успешна пијанистка. Но во домаќинството била дозволена само верска и класична музика. Практикувањето танцување, алкохол, играње карти и зборувањето за секс било строго забрането. Има мал број докази за она што се случувало во семејството, но постојат назнаки во форма на писма, дневникот на Конверс и спомени од познати и пријатели. Во писмо напишано во 1950-тите таа го спомнува постариот брат Пол и неговите психијатриски проблеми, кои според наод на тогашен психотерапевт се должеле на доминантна мајка. 

Очигледно улогата на мајката била голема и за Кони, бидејќи таа се запишала на истиот колеџ кадешто учеле и мајка ѝ и баба ѝ. Но набргу го прекинала школувањето и неколку години едноставно ја снемало. На крај се појавила во Њујорк, каде без дискографска куќа, агент или каква и да е друга поддршка почнала да прави сопствени снимки во својот стан во Гринич Вилиџ. Но очигледно била пред своето време, бидејќи и покрај фолк стилот таа била авторка на музиката, нешто што до тогаш не било вообичаено. Имено, до Боб Дилан, никој не пишувал фолк музика. Во 1950-тите и раните 1960-ти можело да се пишуваат политички песни, но не можело да има „јас“ во нив, освен ако „јас“-от не бил земјоделец, рудар или морнар. 

Оттаму, по објавувањето на нејзините снимки во 2009 некои ја нарекуваат Кони Конверс „првата пејачка-композиторка“, што како термин е збунувачки бидејќи секој кој некогаш напишал песна и истовремено ја извел е токму тоа. Но она на што веројатно се мисли е начинот на кој таа ги изведувала своите песни, во најинтимниот простор, без шоу-бизнис амбиции, но и без интерес да пишува протестни песни. Ако таа е навистина „женскиот Боб Дилан“, тоа е затоа што Дилан се нашол на вистинското време и во вистинското место, а Конверс не. 

Пишувајќи ја книгата за неа, авторот дошол до нејзиниот брат, познат универзитетски професор од Мичиген, кој ја чувал сета нејзина архива. Помеѓу бројните писма има и такво кое изгледа како проштално. „Човечкото општество ме фасцинира и ме восхитува и ме исполнува со тага и радост; само што не можам да си го најдам своето место во него. Затоа, ве молам пуштете ме да заминам и прифатете ја мојата благодарност за оние среќни моменти што сте ми ги дале во текот на годините. Ви должам на сите.“

По исчезнувањето на Кони братот не покренал потрага, бидејќи сметал на законското право на секој човек да исчезне ако тоа го сака. Она што со сигурност може да се каже е дека таа била последен пат видена во август 1974 во Ен Арбор. Тоа е, засега, последната сцена од нејзиниот биографски „филм“, кој останува недовршен. 

23 мај 2023 - 07:46