Изборот на следна книга за читање понекогаш е толку тешка задача што најлесно е човек да посегне по далечинското и да си пушти филм или серија. Дополнителен притисок прават списоците на најдобри книги од секој жанр при крајот на годината - уште човек не дошол ни до пола од претходната, веќе надошол бран нови. Проценката на тоа колку книги би можеле да прочитаме во текот на животот (односно до неговиот крај) може да звучи морбидно. Ама пак свесноста за тоа може да помогне во некои добри одлуки.
Списанието Економист направило ваква пресметка врз основа на анкета која опфатила 1500 Американци, за тоа колку книги прочитале или слушале во 2023-та. Просекот бил 11 книги, па по таа логика, ако некој седумгодишник почнал да чита во 2023, тогаш ако проживее барем 70 години, тој би можел да прочита околу 770 книги. Некој кој има 30 години веќе „потрошил“ дел од бонусот и му остануваат уште 500. Оној на возраст од 70 брои „ситни“ 100 книги до крајот на животот.
Дури и најдолговечниот човек на планетата би имал проблем со купиштата книги од кои би требало да бира. Од воведувањето на печатарската преса во 15 век до денес грубата проценка вели дека биле објавени 160 милиони наслови. Дури и да читаш една книга неделно, тоа би било 0,003% од сите книги кои постојат во моментов (а со годините би се трупале уште).
Но, без паника. Овие заплашувачки бројки одеднаш изгледаат подобро ако се земе предвид законот на Стрџон (Sturgeon's law), именуван според автор на научно-фантастични дела. Тој гласи: „90% од сè е срање“. Со добри филтри, во вид на луѓе и сајтови од доверба кои знаат да препорачаат, како и солиден водич низ класиците, дури и оној на зрела возраст уште има време да надомести за направените сомнителни избори. Ако ова ви звучи како метафора и за друг вид одлуки во животот, да ви ја надградиме - возрасните, велат, не мора да го завршат она во што не уживаат.