Колку е реална приказната во „Двајцата папи“?

Иако започнува со „инспириран од вистински настани“, новиот филм за пријателството помеѓу актуелниот папа Франциск и неговиот претходник Бенедикт XVI сепак содржи и фиктивни моменти.

„Двајцата папи“ кој се прикажува на Нетфликс е заснован на истоимен драмски текст на Ентони Мекартен („Најмрачниот час“, „Теоријата на сè“), кој низ мешавина од биографски елементи, хронолошки скокови и нешто што треба да изгледа како лежерен хумор, ја раскажува приказната за средбата во 2012 на кардиналот Берголио (денешниот папа Франциск) со тогаш актуелниот папа Бенедикт, во летната папска резиденција, замокот Гандолфо.

Кардиналот бара прием поради една неoбична причина - сака да даде оставка од својата функција, во знак на протест против конзервативизмот и елитизмот на Ватикан. Бенедикт одбива да го потпише документот, и иако целиот нивен дијалог е всушност едно големо несогласување околу сите значајни прашања поврзани и со верата и со животот, тој на крај го прави точно обратното. Бенедикт самиот поднесува оставка, а за свој наследник го поддржува Берголио.

Реалните прописи на католичката црква велат дека Франциск не морал за оваа цел да оди лично во Рим, туку дека тоа можел да го стори и преку обично писмо, со оглед на тоа што кога ќе наполнат 75 години сите кардинали имаат обврска да понудат оставка, а на папата останува дали тој ќе ја прифати или не. Берголио наполнил 75 во декември 2011, значи пред да се случи наводната средба во 2012. Двајцата папи навистина се сретнале на спомнатото место, но во март 2013, кога Бенедикт веќе бил поранешен, а Берголио актуелен папа.

Што се однесува до ликовите, веројатно не постои друг актер на планетава кој повеќе од Џонатан Прајс би личел, и физички и по држење, на Франциск. Ентони Хопкинс пак како Ратцингер (Бенедикт) не изгледа нешто многу „германски“, има ужасен акцент кога се обидува да чита и зборува латински (а ништо подобар не му е ни италијанскиот), но одлично доловува стар лукавец, кој често пати само изгледа занесено а всушност си бира што и кого ќе слушне. Во филмот тој е претставен речиси како мизантроп, кој дури и вечера сам, но реалниот Бенедикт постојано јадел со своите секретари. Обајцата свират на пијано, додуша Ратцингер сонати од Моцарт, а Хопкинс во филмот џезерски и кабаретски парчиња (кои сака да ги свири и во реалниот живот).

Најслабите делови од филмот се потсетувањата на младоста на Франциск (прикажани низ црно-бели парчиња), кои граничат со патетика. Едно од нив се однесува на тоа како тој се одлучил да се вери со убава девојка од неговиот роден Буенос Аирес, но токму вечерта кога треба да се случи веридбата тој наидува на мистериозен свештеник кој го убедува и тој да појде по патот на Бога. Всушност наводната епизода е реконструкција од „љубовно“ писмо кое Берголио го испратил на својата детска љубов, Амалија Дамонте, кога обајцата имале по 12 години, во кое тој ѝ вели дека ако не се омажи за него тој ќе стане свештеник. После ова писмо родителите на Амалија ѝ забраниле повторно да се види со него.

Од друга страна, драматизираните ретроспективи и документарниот материјал за доцните 1970-ти во Аргентина, хунтата и прогонувањето на либералите се оценуваат како пореални, исто како и спомнувањето на скандалот со Марсијал Деголадо, основачот на свештеничкиот ред познат како „Легионерите на Исус“, наводен сериски педофил долги години заштитуван од папата Јован Павлe Втори, во време кога кардиналот Ратцингер бил раководител на одделот за теолошки прашања во Ватикан. Но иако во филмот излегува дека Бенедикт се кае што не презел ништо по ова прашање, неговите поддржувачи тврдат дека токму тој, веднаш откако станал папа, зазел решителен став против Деголадо, и го нарекуваат тој дел од филмот „клеветнички“.

Иако во текот на целиот филм Франциск ја одбива идејата да стане папа, реално тој веднаш по неговиот избор излегол со детално испланирани насоки за идниот развој на католичката црква: прифаќање на ЛГБТ заедниците, соработка со други религии, овозможување причест за разведените, грижа за животната околина. Од друга страна, иако Бенедикт во филмот тврди дека по оставката целосно ќе се повлече, тој останал активен во Ватикан, до тој степен што упатените тврделе дека станува збор за двоен понтификат - соработка помеѓу две многу различни личности, кои сепак успеваат од таа различност да го извлечат најдоброто.

извор

24 декември 2019 - 09:28