Пјер Франсоа Ласнер (1803-1836) бил роден близу Лион во источна Франција во богато семејство. Откако го завршил образованието со одлични резултати, се придружил на француската армија, но дезертирал во 1829, по што станал криминалец. Почесто зад, отколку пред решетки, тој затворот го нарекувал свој „криминален универзитет“.
Но она по што тој се разликувал од останатите престапници било тоа што неговите злосторства биле тотално немотивирани, речиси на ниво на „стилски вежби“. Изгледа дека убивал едноставно за нешто да прави и да не му биде здодевно. Еден од тие случаи било убиството со секира на извесен Жан-Франсоа Шардон, при што настрадала и неговата мајка, која била задавена во нејзиниот кревет.
Во месеците пред почетокот на судењето за ова двојно убиство, и неговото последователно погубување, Ласнер трескавично пишувал, мемоари и песни. Своите злосторства пред судот ги правдал како чинови против општествената неправда - судницата ја претворил во театарска сцена а својата затворска ќелија во салон. Со своето однесување влијаел врз неколку писатели, меѓу кои Балзак и Достоевски.
Нова книга на Кевин Бирмигнем, „Грешникот и светецот: Достоевски и џентлменот-убиец кој бил инспирација за ремек-дело“ истражува како Достоевски ја напишал „Злосторство и казна“ и каква врска има ликот на Раскољников со оној на Ласнер. Како млад човек Достоевски веќе бил познат писател, но неговата вклученост во радикалната политика го чинеле долг егзил во Сибир. Таму тој минал години проучувајќи ги криминалците кои биле негови придружници. Но многу поголема енигма за него била сензационалната сторија за Ласнер, гламурозен егоист кој ги отелотворувал инстинктите на нихилизмот, филозофија која во Русија била увезена од западот но извршила големо влијание врз тамошните револуционери. Достоевски создал руска инкарнација на Ласнер, лик кој ќе го отсликува духот на времето, но и ќе стане универзален симбол на ладнокрвен убиец.
По судењето кое траело само два дена, Ласнер бил осуден на смрт со гиљотина. На 9 јануари 1836 околу 600 луѓе дошле да го гледаат погубувањето. Исто како што правел целиот живот, и тогаш тој не ја разочарал публиката - се појавил со високо крената глава во скапоцен син костум, елегантен, додека не ја загубил главата.