Иако Твитер е блокиран во Кина, Sina Weibo, негова локална варијанта, има над 250 милиони корисници. Кинескиот е толку концизен што повеќето пораки никогаш не ја ни достигнуваат пропишаната граница. Јапонскиот е исто така „згуснат“ - традиционалната форма на поезија, хаику, со 17-те слога е идеална за твитови. Иако корејскиот и арапскиот бараат малку повеќе простор, твитерџиите рутински ги прескокнуваат вокалите. Твитовите на арапски особено се интензивираа лани, благодарејќи на востанијата низ Блискиот Исток, и тој (арапскиот) сега е осмиот најкористен јазик на Твитер, со 2 милиони твита секој ден.
Романските јазици генерално користат повеќе зборови. Така, шпанскиот и португалскиот, двата најфреквенти европски јазици на Твитер по англискиот, имаат разработени трикови за намалување на бројот на карактери. Тие користат „abs" за abraços (гушки) и "bjs" за beijos (бакнежи). Но неформалниот англиски е уште посоодветен. Тој дозволува одбегнување на личните заменки, нема чудни акценти и има одлично развиена култура на скратувања.
Глобалниот раст на Твитер низ целиот свет ја има намалено пропроцијата на вкупните твитови на англиски на 39%, од две-третини во 2009., но твитерџиите полиглоти се уште го преферираат овој јазик токму поради наведените својства. Освен тоа, до скоро оние кои пишуваат на арапски, фарси и урду имаа проблем со користење хаштази пред зборови на овие јазици. Оваа флексибилност на англискиот можеби му овозможува извесна хегемонија, но Твитер исто така им помага и на помалите јазици кои се борат за опстанок. Говорителите на баскискиот, на пример, твитаат за да се поврзат со други луѓе низ светот чиј мајчин е токму овој јазик. Кен Сканел, професор на Универзитетот Ст. Луис во Мисури избројал 500 јазици кои се користат на Твитер и има отворено веб страница за да ги следи. Гамиларај, еден домороден австралиски јазик, има само три живи говорители. Еден од нив твита, на овој начин обидувајќи се да го одржи во живот.