Кога оставањето бакшиш почнало да се шири во САД по граѓанската војна, тоа било опишано како „рак на дојката на демократијата“ и „навредлива карикатура на милосрдието“. Но најголемата критика се состоела во тоа што практиката била нарекувана „неамериканска“.
Се сметало дека оставањето бакшиш ја поттикнува сервилноста и ја деградира американската демократска, пуританска и антиаристократска етика. А оние кои го промовирале овој обичај биле европските имигранти, но и богатите американски туристии, кои ги имитирале кафанските конвенции на Стариот континент и го увезувале во Америка.
Ваквите ликови навлегле и во книжевноста. Во романот на Хенри Џејмс од 1897, „Она што го знаеше Мејси“, 6-годишната Мејси, додека појадува со својот очув, Англичанец, сер Клод, во француско бистро, набљудува како келнерот заминува со бакшиш „собран со елегантно искажана благодарност од раката на сер Клод“. Зборот „бакшиш“ (tip) во оригиналот е во наводници што укажува дека тој за девојчето бил нов, исто како и за американските читатели на Џејмс.
Европејците од своја страна биле бесни на богатите Американци кои ги уништувале воспоставените практики со прекумерно частење на келнерите. И ова не се однесува само на минатото. Според делото „Оставање бакшиш: американска општествена историја“, конзервативниот мислител Вилијам Ф. Бакли џуниор имал навика да им остава скандалозна propina на вработените на швајцарски замок кој го изнајмил во 1980-тите. Тој го користел шпанскиот збор за бакшиш, бидејќи за парите не чинело да се дискутира директно.
Во историјата на САД имало значајни имиња кои биле против оставањето бакшиш. Помеѓу нив милионери од типот на Џон Рокфелер и Ендрју Карнеги, познати по скржавоста. Писателот Ралф Валдо Емерсон, пак, е познат по својата изјава: „Понекогаш ме совладува искушението па оставам долар, но тоа е проколнат долар за кој би требало да покажам доволно машкост да не го дадам“.
Уреднички коментар од Чикаго Тајмс од 1901 му честита на Марк Твен што одбил да му даде бакшиш на таксист и додал, со претерување, дека доколку писателот доживее оваа практика да биде искоренета, тогаш ќе заслужи дури и поголема благодарност од јавноста на оваа тема отколку за што и да е што веќе го напишал или ќе го напише во иднина.
Овој став е добро сумиран од млада проститутка во романот на Ф. Скот Фицџералд од 1920, „Оваа страна на рајот“. Кога таа е фатена со муштерија во хотелска соба, луто вели: „Алек не му остави бакшиш на келнерот, па изгледа копилето ме поткажало“.
Аболиционизмот на бакшишот кулминирал во 1915, кога три држави изгласале вакви закони, придружувајќи им се на други три (Вашингтон, Мисисипи и Арканзас) кои веќе ги имале усвоено. Но до 1926, сите овие анти-бакшиш закони биле повлечени, главно затоа што било невозможно да се контролира нешто што станало тренд. Исто така, во темата се замешале и расни и класни теми, па ако за црнец било „нормално“ да очекува и да си земе бакшиш, да се остават пари на белец се сметало за срамно.
Иронијата е во тоа што иако Американците го внеле обичајот за бакшиш од Европа, земји како Франција одамна го имаат напуштено. 15% од цената автоматски се внесува во сметката, а муштериите не мораат да оставаат бакшиш.