„Ова не е точно. Дури не е ни погрешно!“, бил коментар на теорискиот физичар Волфганг Паули (1900-1958), кажан кога негов пријател му покажал труд на млад физичар за којшто побарал мислење.
„Дури не е ни погрешно“ (Not even wrong) денес е термин кој се користи за опишување на псевдонаука или на идеи кои просто не можат да се проверат. Хипотезите кои се потенцијално погрешни се извор на научни знаења: ги тестирате, наоѓате докази кои ги поддржуваат или ги отфрлаат и учите нешто низ процесот. Но такви хипотези кои не можат дури ни да бидат погрешни, не произведуваат никакво знаење. Тие се такви затоа што не ги исполнуваат критериумите кои одредуваат дали нештото е точно или неточно.
Станува збор за „терминална“ логичка грешка која не може да биде тестирана низ каков и да е мисловен или реален експеримент. Притоа, изразот подразбира не само дека некој греши, туку дека тој не ја сфаќа самата природа на дискусијата или нештата кои треба да бидат разбрани за да се учествува во неа.
Помеѓу примерите кои се наведуваат како илустрација на „дури не е ни погрешно“ е прашањето кое го поставуваат креационистите противејќи се на теоријата на еволуцијата - „Ако сме настанале од мајмуни, како тоа уште има мајмуни?“, кое може да се парафразира како „Ако Америка била колонизирана од Англичани, како тоа се уште постои Англија?“.