Кога музичарите се разбираат со очи

Музичката комуникација на сцена е од суштинска важност и може да направи разлика меѓу просечна и исклучителна изведба. Диригентот со очите и изразот на лицето дава назнаки, охрабрува но и опоменува, сето тоа затскриено од видикот на публиката. Членовите на оркестарот, пак, на овој начин меѓусебно се координираат. Нешта кои беше тешко да се постигнат додека се носеа маски, па веројатно тоа и беше една од причините зошто оркестрите паузираа.  

Диригентот излегува на сцена, се поклонува и се врти кон оркестарот. Следи кратка пауза во која двете страни разменуваат погледи, сигнализирајќи дека се подготвени. Во текот на изведбата, пак, диригентот може да погледне директно кон одредена група инструменти, на пример кон вторите виолини кога тие имаат некој тежок дел каде што им треба помош, или кон трубите кога тие треба да изведат некое драматично парче. И не само поради практични причини - диригентите треба да ги пренесат сите музички чувства, па начинот на којшто ги користат очите има и таков, емоционален квалитет. Физичките гестови на рацете, дланките и целото тело се значајни, но најекспресивната алатка се сепак лицето и очите.

Ова не е многу поразлично од начинот на којшто зборуваме со некого во секојдневниот живот. Диригентот може просто да гледа кон оркестарот, но може тоа да го прави и со таков вид енергија којашто сака да ја има музичката фраза. Некој вид контакти со очи додуша се попријателски настроени отколку други - некои диригенти настапуваат со топлина во очите која помага инструменталистот да добие на самодоверба; други втренчено зјапаат што најверојатно значи дека и самите се под стрес бидејќи тоа парче им е исклучително важни или пак не се среќни со изведбата. Но најлошо е ако воопшто нема контакт, бидејќи тогаш нема ни комуникација. 

Од аспект на публиката овие невербални упатства не се видливи, а често се восприемаат од страна на изведувачите со периферен поглед, бидејќи фокусот е насочен на нотниот запис. Сепак тие фрлаат око и на диригентот а понекогаш и на другите членови на оркестарот, за да бидат во тек со она што се случува. Ако виолите и челата, на пример, треба да изведат нешто заедно, непосредно пред тој момент тие се погледнуваат, што означува дека „ушите им се отворени“.

Повеќето диригенти едвај и да гледат во солистот - контактот со очи служи повеќе за да се координираат влезовите и да се спојат деловите во една целина, при што предност се дава на колективот во однос на поединецот кој треба да си ја тера својата работа. Секако, има разлика и во комуникацијата со мали или големи хорови, Во камерните оркестри, каде нема диригент, важно правило е да се гледа во другите членови, но ако станува збор за жичани инструменти, не во очите, туку во нивните прсти. Ако тие се погледнат во очи, тоа најчесто значи дека некој згрешил или направил нешто необично. 

Фактот што за време на пандемијата оркестрите често свиреа со маски за нив бил огромен предизвик. Дури и во случаи кога некои диригенти претеруваат, па го користат лицето на „хистеричен“ начин, сепак и во таа комуникација има огромна енергија, која инаку недостасува.

Антологиската снимка на Бернштајн каде диригира само со очи:

извор

7 јуни 2022 - 09:11