Кога медиумите со месеци ја пренесувале смртта на еден поет

Во декември 1891, Волт Витман се разболел. Репортерите на Њујорк Тајмс континуирано и со неверојатни детали известувале за состојбата на здравјето на омилениот американски поет, до неговата смрт, на 26 март 1892.

Во 19 век, кога биле формирани модерните држави, освен знаме и химна ним им бил потребен и водечки книжевен глас - национален поет, интелектуална маскота. Во Америка никој не ја отелотворувал подобро оваа улога од Волт Витман. Неговата збирка „Страци трева“ од 1855 зборувала за копнежите и стравовите на целата нација. До 1890-тите Витман веќе бил толку значаен што весниците постојано известувале дури и за банални настани од неговиот живот: роденденски забави, книжевни пријателства, па дури и минорни здравствени проблеми (наслов од 1890 гласи: „Волт Витман е настинат“). Секако, во тоа време луѓето често умирале од болести кои денес изгледаат банално, па ваквата сторија и не била необична.

На 18 декември 1891 во Њујорк Тајмс се појавил и подолг текст, „Болните помеѓу нас“ кој зборувал за старите и болни државници и интелектуалци. Во него се вели дека тогаш 72-годишен Витман веќе имал прилично нарушено здравје, наведувајќи неверојатни детали околу истото: колку парчиња леб успевал да изеде дневно, дали можел да седи во креветот, што рекол неговиот доктор.

Следниот текст, од 21 декември 1891 е поалармантен. „Деновите на добриот сив поет се бројани. Можеби ќе умре во следните 48 часа“, вели тој.

Но дошол Божик, а поетот се уште бил жив. Весникот повторно известува дека единствената храна која ја зел во последните 36 часа биле „две школки, една вчера наутро и другата денес попладне“. Ден после Божик на насловната пишува: „Неговите доктори велат може да умре секој момент. Денес јадеше шоља топло млеко, две парчиња тост и малку сок од портокал“.

И така скоро секој ден во следните неколку месеци. На 8 јануари, кога било очигледно дека човекот не мисли така лесно да се предаде, јадејќи дури и варено јајце дента, Тајмс ја сели сторијата за неговото здравје на четвртата страница. Ова сепак набргу се сменило, па на 16 јануари тој е повторно на насловната: „Толку е изнемоштен што само еднаш или два пати дневно се преврти во креветот“. Неколку дена подоцна имал и „мал напад на дезинтерија“.

Кога работите малку се подобриле, новинарите малку го олабавиле. До смртта на 26 март 1892. Тогаш известиле дека последните зборови на големиот поет биле „Вори, сврти ме“, како повик неговиот болничар, Ворен Фрицингер (на фотографијата горе), да го преврти на другата страна.

Насловната на денот на смртта гласи: „Почина Волт Витман, мирен крај на стариот сив поет во Камден“. И повторно ред детали околу тоа како се случило истото. Кога докторот непосредно пред смртта го прашал дали нешто го боли, Витман само кратко одговорил, речиси нечујно - „Не.“

По два дена следи објавување на домашната адреса за сите оние кои сакаат да го видат телото на мртвиот поет да појдат таму на поклонение. А обелоденети се и резултатите од аутопсијата: неговиот мозок се опишува како „абнормално голем“.

На денот на погребот сандакот од едноставен недекориран даб бил речиси невидлив под дебелата покривка од цвеќе оставено од бројните обожаватели.

Извор

20 декември 2018 - 08:53