Креативна рамноправност

Кога мајка и 4-годишна ќерка се уметнички тандем

Mика Ангела Хендрикс е интересен илустратор, дизајнер и цртач, а инспирацијата ја црпи од Морис Сендак, Роберт Крамб и Џим Хенсон. Но како што тргнала работата, нејзината четиригодишна ќерка Мила наскоро може да ја надмине во креативноста.

На нејзиниот блог, Busy Mockingbird, Мика раскажува за денот кога додека нејзината ќерка се занимавала со фломастери, таа се осудила да извади некаков скап, специјално нарачан блок за цртање, со темна хартија совршена за сенчење. Но дете ко дете, посакало и тоа да нацрта нешто врз блокот на мама. Отпрвин лута, Мика останала без зборови кога го видела резултатот.

 

Бидејќи Мика најчесто црта портрети, нејзината ќерка на лицата почнала да додава тела, па така женските ликови на пример набргу станувале сирени, гасеници па дури и диносауруси. Првичната лутина околу мешањето на детето во нејзиниот мал цртачки свет набргу поминала, и Мика вели дека од целиот настан научила неколку важни работи. Една од нив е дека, барем во уметноста, дозволувањето на детето да биде рамноправен партнер во процесот многу значи за неговата самодоверба, но и за крајниот резултат кој станува облагороден со нешто неочекувано, нефолирантско и неоптеретено. Каква што и би требала да биде сета уметност.

А про по, потсетник на еден домашен пример на соработка на млад уметник со неговата мајка.

 

5 септември 2013 - 15:04