Денес научивме две работи:
Прво - дека на пет километри од Зрењанин, во Војводина, да ти имало три езера наречени „Пескара“, кои се користат за бањање, и околу кои има уредени градски плажи.
Второ - дека на плажата е отворен посебно читачко ќоше, каде во стари и расипани фрижидери се поставени книги кои секој може да ги позајми (со обврска по читањето да ги врати). Иницијативата е на сопственичка на ресторан на плажата, а во полнењето на книжидерот помогнала и градската библиотека.
Мото на заедничката кампања гласи „Разлади ја главата - отвори го Книжидерот“. Во моментов доминираат книги за деца, а на плажата се организираат и читања на децата со библиотекарите од спомнатата институција.
Поставени се и воздушни фотељи со џепови за книги, за тие да не лежат наоколу по песокот. А работното време на библиотеката на отворено е секој ден од 9-21 часот.
Што да ви кажеме - исто ко на нашите плажи...