„Се чувствувам како некој да прави будала од мене“

Кога Јунг го хејтал „Улис“

Славниот Јунг влегол во лавиринтот на контроверзниот роман, но едвај извлекол жива глава. Измачен и лут, тој објавил статија на оваа тема, и му ја испратил на Џојс, со придружно писмо. Овој пак среќен што успеал да поремети еден наводно врамнотежен човек, па уште и психијатар. 

Во 1932 славниот психоаналитичар Карл Јунг напишал остар критички осврт кон „Улис" на Џојс во списанието Europäische Revue. Меѓу другото во есејот тој вели:

Стигнав до страница 135 со очај во срцето, при што два пати заспав. Неверојатната разноликост на стилот на Џојс има монотон и хипнотички ефект. Ништо не му излегува во пресрет на читателот, сè бега од него, оставајќи му огромна празнина. Книгата е секогаш некаде горе и далеку, незадоволна од самата себе, иронична, злобна, навредлива, гневна, тажна, очајна и горчлива. Да, признавам дека се чувствував како некој да прави будала од мене. Книгата не ме пресретна на половина пат, ништо во неа не направи ни најмал напор да биде пријатна, и тоа секогаш на читателот му создава чувство на инфериорност.

Во септември истата година Јунг му испратил копија од оваа статија на Џојс, со придружно писмо. Еве го во целина:

27. септември 1932
Куснахт-Цирих

Почитуван г-дине,

Вашиот Улис претставува таков вознемирувачки психолошки проблем за светот што неколку пати бев повикан да реагирам како наводен авторитет за психолошки прашања.

Улис се покажа како крајно тврд орев, и бев присилен да вложам крајно необични умствени напори, како и да направам прилично екстравагантни излети (зборувајќи од гледна точка на научник). Вашата книга како целина не престана да ми задава маки, и јас се обидував да излезам на крај со неа околу три години, за на крај да ја прочитам. Но морам да ви кажам дека сум ви длабоко благодарен, Вам и на вашиот гигантски опус, затоа што многу научив од него. Веројатно никогаш нема да бидам до крај сигурен дали уживав во него, затоа што тоа подразбираше прекумерно кинење нерви и трошење сива материја. Исто така не знам дали вие ќе се радувате на она што го напишав за Улис затоа што не можев да се воздржам да му кажам на светот колку ми беше здодевна, колку се мачев, колу пцуев и колку ѝ се восхитував. 40 страници непрекинат текст на крај е доказ на вистинска психолошка стаменост. Претпоставувам дека бабата на ѓаволот знае толку многу во врска со реалната психологија на жената - јас не знам толку.

Значи, само се обидувам да ви го препорачам мојот есеј, како забавен обид еден совршен странец кој залутал во лавиринтот на вашиот Улис и успеал некако да се извлече само затоа што имал среќа. Во секој случај од мојот текст ќе можете да видите што му направил Улис на еден наводно врамнотежен психолог.

Со изрази на најдлабоко почитување,

К. Г. Јунг

Џоjс бил истовремено вознемирен но и горд кога го добил писмото. Интересно е што две години подоцна Јунг ја лечел неговата ќерка, Луција, од шизофренија. Токму во тоа време Џојс му потпишал примерок од Улис на Јунг, со следниве зборови:

На д-р К. Г. Јунг, со благодарно признание за неговата помош и за неговите совети.

18 јуни 2014 - 14:53