На 17. мај во МоМА беше отворена изложба под наслов „Јоко Оно: шоу на една жена, 1960-1971". Таа содржи 125 нејзини дела, инсталации, перформанси, аудио записи, како и ретки архивски материјали кои се сметаат за пионерски во областа на концептуалната уметност.
Таа во 1971 всушност веќе имала своја изложба под истиот наслов во музејот, иако тој не го ни знаел ова. Едноставно ставила покана во весник и флаери со фотографија како шета пред институцијата со знак со големо Ф, во знак на Museum of Modern (F)art, или Музеј на модерниот прдеж. Наводната изложба се состоела од муви парфимирани со нејзиниот телесен мирис, пуштени во градината со скулптури во градината со скулптури на музејот, кои посетителите требало да ги најдат. Денес Оно (82) вели дека го направила тоа за забава, но нејзиниот гест од сегашна перспектива се толкува и како феминистички, и како критика на односот на институцијата кон маргинализираните, аванградни уметници.
Помеѓу изложените дела се наоѓа зелено јаболко на постамент оставено да скапе (исто такво било изложено во 1966, кога Ленон си влегол во галеријата и си го гризнал - тогаш и се запознале), простор во кој посетителите се поттикнуваат да се допираат меѓу себе, но и снимка од перформансот Cut Piece (Исечи парче) изведен во 1965 во Карнеги Хол. Во него Јоко седи неподвижно, додека посетителите еден по еден ѝ пристапуваат и можат да исечат дел од нејзината облека.
Поентата според неа е разголувањето, давањето себеси на публиката, а директна инспирација е митот за Буда, кој несебично давал делови од неговото тело за да нахрани гладен тигар. Со оглед на фаците на некои од публиката додека ја соблекуваат, метафората е соодветна.
Сличен перформанс под наслов Ритам 0 во 1974 изведе и Марина Абрамовиќ, кога на публиката ѝ остави можност да и прави што сака со 72 реквизити, меѓу кои ружа, пердув, мед, камшик и пиштол. И таа завршила без облека, а и во нејзиниот случај работите за малку ќе излегле од контрола, бидејќи некои од посетителите почнале да се однесуваат агресивно, ставајќи ѝ го (наполнетиот) пиштол на слепоочница или боцкајќи ја со трње од ружите. „Ако ја оставиш, публиката може да те убие“, бил нејзиниот заклучок.