Отворена до 7. јуни, инсталацијата посветена на ликот и делото на Бјорк Гудмундсдотир (или како и веќе да се изговара) се протега на три музејски ката, при што за објектот да може да ги издржи резонирачките басови во посебно нарачаното видео за „Црно езеро", песна од нејзиниот албум Вулникура, морало да се направи нов спрат за, како што вели кураторот Клаус Бизенбах, „да не ни падне Пикасо од ѕидовите". Претставени се фотографии, музика, видеа, костими и рачно изработени инструменти, од почетоците на кариерата на Бјорк со Шугаркјубс во 1987 до денес. Па што ли може тука да биде погрешно?
Џефри Салц е уметнички критичар во Њујорк магазин, кој деновиве беше актуелен затоа што неговиот масовно лајкан профил на Фејсбук беше избришан од компанијата заради постирање безобразни фотографии, додуша со уметничка порака. Еден од таквите „графички" прикази на женски тепкан задник беше придружен со негов коментар: „Еве ова им го прави критиката на уметниците кои биле многу, многу лоши".
Не знаеме какви гревови тој ѝ припишува на Бјорк, но неговата рецензија на изложбата во Vulture е остра и кон самиот Музеј-организатор и кон неа како уметник. „Не ме сфаќајте погрешно, ја сакам Бјорк, како брилијантна персона, а и нејзините видеа и музика. Но МоМА ѝ прави лоша услуга - тоа е самоубиствено слизнување во карневал мотивиран само од продажбата на билетарниците", пишува тој. Ова со Бјорк според него е само продолжение на серија „поп" програми организирани во истиот музеј, како спиењето во стаклена витрина на Тилда Свинтон, „ѕверењето" во публиката на Марина Абрамовиќ или „Дождовната соба" во која вештачкиот дожд паѓа насекаде освен врз публиката.
И не само тоа - изложбата според Салц не го контекстуализира творештвото на Бјорк во нејзиното време, туку само нафрла артефакти, рачно напишани стихови изложени во витрини, парчиња музика од звучници и слушалки кои ве водат на 40-минутна тура, албум по албум. Притоа говорениот наратив, напишан од исландскиот поет Сјон и читан од актерката Маргрет Вилхјалмсдотир, е „прилично глупа приказна за младо девојче кое влегува во различни кралства". Целото шоу, заклучува тој, е безначаен куп врева.
И други критичари, како Џејсон Фараго од Гардијан, ја нарекоа изложбата „неамбициозна" и „без логика", комбинација на Мадам Тисо и Рокенрол хала на славните. Па сепак главната критика не е кон конкретната изложба, туку кон насоката којашто ја фаќа „најзначајната институција за модернизмот на Земјата" - МоМА. Следен најавен проект од истиот тој куратор (кој патем има многу чудна фаца, види фото горе) е - ретроспективна изложба на Јоко Оно. Па, со среќа нека му е.
Можеби е сепак подобро да си ја пуштиме Бјорк во Тафталиџе?
„Црно езеро" - звучна и видео инсталацијата нарачана од МоМА
Бјорк на MTV Unplugged (целиот настап, 41 мин.)