Опции за телефонски „линии за забава“ биле нудени од страна на телефонските компании уште при крајот на 19 век, а биле од големо значење особено во ретко населени области каде претплатниците живееле на големи далечини еден од друг. Пример е Австралија каде тие биле раководени од владино поштенско тело. Но рапидниот развој на телефонијата, особено по Втората светска војна, довело до тоа во САД од средината на 20 век да бидат поставени голем број вакви инсталации.
Кога човек зборувал на „забавна“ линија можел да го слушне секој кој имал пристап - на овој начин се оговарало и се ширеле локалните вести. Истовремено, тоа било ефикасен начин за предупредување на цели маала во случај на пожар или други несреќи. Додуша линиите се користеле толку масовно што ова често доведувало до „затнување“ на мрежата, па повиците морале да се ограничат на пет минути. Биле донесени дури и закони според кои секој кој ќе биде информиран дека линијата е потребна за итна комуникација мора веднаш да ја ослободи, во спротивно ќе одговара. Претплатниците можеле да доплатат за да добијат и приватна линија.
Линиите за забава често биле злоупотребувани за прислушкување и колективно договарање. На пример, во декември 1942 била откриена стратегијата на тим на Универзитетот од Тенеси против Универзитетот во Мисисипи во американски фудбал, токму затоа што била договарана на ваков начин. Контроверзни биле и одлуките за сегрегирање на линиите според раса, па во 1956 имало компании кои го одбиле ова барање од властите. До 1980-тите ваквите линии веќе почнале да исчезнуваат, бидејќи не биле поддржани од новите технологии, како и од дополнителната опрема како автоматски секретарки или компјутерски модеми.
Интересен детал од функционирањето на „забавниот“ систем е што кога човек сакал да му ѕвони на специфичен корисник требало да му го знае кодот, кој вклучувал цифри и комбинација на долги и кратки ѕвонења. Кога ќе го кренел телефонот јавувачот требало гласно да ја каже шифрата (на пример 93R22), што го означувало корисникот број 93, две кратки и две долги ѕвонења. Ова веруваме сепак бил наивен обид да се запази некаква приватност, бидејќи сигурно имало и такви кои постојано киснеле на линијата, како денес онлајн.