Во текот на Големата војна (која подоцна станала позната како Прва), веројатноста дека Париз ќе настрада од германските бомбардери била голема. Ова инспирирало амбициозна одбранбена стратегија, која ни помалку ни повеќе вклучувала изградба на реплика на Париз вон вистинскиот град, со што авионите би го испуштиле својот уништувачки товар врз кулиси направени од дрво и мебел-штоф, без да предизвикаат реална штета.
Овој неверојатен историски настан е тема на 35-минутен британски документарец, под наслов „Илузија: градот кој никогаш не постоеше“. Деталниот архитектонски план подразбирал изградба на три одделни лажни населби, голема железничка станица по моделот на Гар д Норд, градски центар со сопствено шеталиште по углед на Шанзелизе и лажна индустриска зона со фабрики и други индикации на воено производство. Се подразбирало дека овој „град“ требало да биде и осветлен со улично осветлување, а него го дизајнирал Фернанд Јакопоци, подоцна славен по својата илуминација на Ајфеловата кула. Низ урбаниот пејзаж требало да има и подвижен воз, кој всушност бил еден од малкуте елементи кои реално функционирале.
Но во 1918, пред проектот да биде целосно завршен, војната завршила, властите бргу го размонтирале тајниот проект и ги избришале сите информации во врска со неговото постоење. За ова се дознало дури во 21 век. Неговата амбиција зборува за сфаќањето на Французите за сопствениот главен град како збир на бесценето историско и културно наследство, центар на француската цивилизација.