Поддисциплината на филозофијата, позната како „експериментална", во последните неколку години е честа тема во големите (oсобено американски) медиуми. Зошто е тоа така?
Оние кои практикуваат експериментална филозофија (X-Philes) се хетерогена група, но она што ги поврзува е тоа што тие веруваат дека доминантните филозофски методи на размислување и аргументирање, а приори и „од фотеља", страдаат од бројни ограничувања. Токму затоа нивното лого е запалена фотеља, а имаат и, во музичка смисла, малку вознемирувачка химна:
Она што го прават овие луѓе е всушност внесување на статистика, бројки и податоци добиени од психолошки истражувања, во обидот да се одговорат некои класични филозофски прашања. Тоа ги прави достапни филозофските аргументи, кои инаку е тешко да се „преџвакаат" и да се претстават во разбирлива форма за генералната публика, која ја разбира важноста на некоја филозофска дилема само ако таа е објаснета во контекст со кој можат да се идентификуваат, и со бројки преку кои можат да добијат некаков квантифициран индикатор.
Еден таков пример е ефектот на Кнобе, именуван според иконата на експерименталната филозофија, Џошуа Кнобе. Тој, иако филозоф (предава на Јеил), направил психолошки експеримент во кој на учесниците им ја претставил следната ситуација:
„Потпретседател на една компанија оди кај главниот на Бордот и му вели: 'Сакаме да почнеме нова програма. Таа ќе помогне да го зголемиме профитот, но истовремено ќе биде штетна за околината'.
Главниот на Бордот одговорил: 'Не ме интересира штетата врз околината. Сакам да направиме колку што е можно поголем профит. Ајде да ја почнеме програмата.
Ја почнале, и секако, околината настрадала."
(кратко видео за експериментот тука)
Прашањето било: дали раководителот намерно ја уништил околината? 82% од учесниците одговориле со „да". Но кога на друга група ѝ бил даден истиот текст, но со тоа што „ќе биде штетна" било заменето со „ќе ѝ помогне на околината", процентот на оние кои сметале дека раководителот намерно ѝ помогнал на околината бил само 23. Зошто една ваква навидум едноставна промена од „штети" на „помага" може да предизвика волку голема разлика?
Кнобе искористил вакви статистички податоци за да го докаже тврдењето дека моралните проценки (во овој случај потенцијалната штета или корист кон околината) имаат огромно влијание врз тоа како луѓето резонираат. „Ние сме крајно морализирачки суштества", вели Кнобе, а тоа според него може да се дознае само преку вакви експерименти, а не со празно теоретизирање, удобно залегнати во фотеља.