Кога ФБИ следело кои книги се позајмуваат од американските библиотеки

Денес во САД се забележуваат рекордни бројки на тн. „забранети“ книги, а некои барања од тн. родителски групи и локални заедници одат до таму што се бара дури и апсење на библиотекари. Пред педесет години имало поинаква кампања која се обидувала да го регулира пристапот на граѓаните до книги, а се состоело од (благо речено) следење на читателските навики.

Целта на кампањата на ФБИ за следење на библиотечната активност на граѓаните на САД од 1970-тите не била да види дали некое дете ја чита „демонската“ Хари Потер (често прогласувана за таква од страна на родителски групи во САД, кои бараат нејзино изземање од наставната програма), туку - потрага по советски шпиони. 

Првите докази за ваквото следење на библиотеките се од јануари 1971, кога двајца агенти на ФБИ го посетиле домот на Зоја Хорн, главна библиотекарка на Универзитетот Бакнел во Пенсилванија. Агентите истражувале наводен план за детонирање тунели под Вашингтон Ди-си и киднапирање на Кисинџер, тогашен советник за безбедност на претседателот Никсон. ФБИ ја добило оваа информација од извесен Бојд Даглас, затвореник во блискиот федерален затвор, кој повремено работел во библиотеката на Бакнел каде наводно ја слушнал оваа информација. Агентите решиле да се распрашаат што е тоа што се зборува низ тивките ходници на библиотеката и да ја следат евентуалната трага на позајмените книги кои би ги довела до терористите. 

Ваквиот чекор на ФБИ ја ужаснал Хорн, бидејќи приватноста на корисниците е дел од Статутот за библиотечни права на Американската библиотечна асоцијација, каде се вели: „Сите луѓе, без оглед на потеклото, возраста или ставовите имаат право на приватност и доверливост при нивното користење на библиотеките“. Таа најпрвин се нафатила да помогне во истрагата, но подоцна кога била повикана да сведочи на судење на осомничен, одбила и добила 20 дена затвор. Во 2002, кога библиотеките повторно биле на мета на разузнавачите кои барале од нив да споделат „какви и да е предмети, вклучително и информации за книги“ за откривање потенцијални терористи (по нападот на кулите-близначки) во интервју рекла дека тоа е само продолжување на претходно постоечката пракса.

И други библиотеки кои биле посетени во текот на 1970-тите и 1980-тите станале дел од тн. „Програма за библиотечна свесност“ на ФБИ. Целта била да се соберат детали во врска со користењето на книгите од земји „кои се непријателски настроени кон САД, како на пример СССР“. Агентите најлежерно пристапувале на кој и да се нашол на пултот (често студент на пракса или дури и волонтер во локалните библиотеки) и барале имиња и други детали за луѓе кои читале технички и научни материјали, како инженерски списанија. На Универзитетот Висконсин агентите набљудувале човек од СССР како го чита весникот „Правда“ и потоа го прашале библиотекарот дали е нешто подвлекувано во него.

Јавноста главно не била свесна за овие активности, до моментот кога Генади Захаров, Русин кој работел во ОН, во 1986 бил обвинет за пренесување „доверливи информации во врска со американската роботика и компјутерска технологија“ на Советите. Неговиот извор бил студент од Гвајана кој крадел јавно достапни микрофилмови од неколку њујоршки библиотеки и му ги продавал на Захаров. 

Следната година Њујорк Тајмс веќе детално пишувал за постоењето на спомнатата програма, со што таа загубила смисла. ФБИ веднаш ја спуштило топката, велејќи дека тие само ги известувале луѓето во библиотеките дека постои можна опасност, но не и дека барале детални информации. 

Објаснувањето не ги задоволило библиотекарите и тие излегле со соопштенија во кои ја изразиле својата загриженост за интелектуалната слобода и загрозување на приватноста. „Еден читател не е шпион затоа што сака да позајми книга за ласери“, напишал хумористичар на Вашингтон пост, „но сепак од ФБИ треба да бидат известени ако читателот кине страници и си ги пика во гаќи“.

Конечно, Конгресот морал да реагира, и во 1988 се одржани неколку сослушувања во врска со библиотечното контраразузнавање. Иако не е јасно ни кога почнала програмата, ни кога завршила, таа наскоро била „закопана“, откако со години прекршувала закони за приватност во најмалку 38 држави во САД.

извор

26 јануари 2023 - 08:17