Чилоуи (Chilhowee), на кривината на Литл тенеси ривер под истоимената планина, бил населба на Чироките. Во 1781, додека биле воспоставувани новите САД, Томас Џеферсон, тогаш гувернер на Вирџинија, испратил луѓе на земјата околу Чилоуи. На Божик тие го срамниле селото со земја.
Седум години подоцна, откако местото било повторно изградено, во него пак дошле белите луѓе. Додека влегувале во населбата, со себе носеле бели знамиња, кои требало да сигнализираат дека доаѓаат во мир. Поглавицата Оскуа, познат на белците како Стариот Аврам, излегол да ги пречека со сопствено бело знаме, нешто што требало да му биде заштита дури и пред најварварски настроените орди. Но знамето на белците било трик. Тие го убиле стариот Аврам и уште осумина други.
Приказната се пренесувала со генерации од колено на колено, а во радиус од неколку километри местата добивале имиња според Стариот Аврам и загубениот Чилоуи.
Такво било и со местото Чилоу парк, кое му носело престиж на градот Ноксвил. Изградено во 19 век на фарма во сопственост на генерал на конфедерацијата, неговите тревници и езера, театрите и танцувањето ги привлекувало посетителите и нивни пари. Се одржувале и „национални конзервациски изложби“ во спомен на индустријата и историјата на Југот, а во одделни поставки се прикажувале рачни изработки на „обоената раса“.
Кога оригиналниот простор за изложби изгорел во 1930-тите, тој бил заменет со нешто во слична форма, голема просторија со квадратен облик и долги крила на страните, чии влезови ги краселе импресивни столбови. Објектот бил познат како Зградата на Џејкоб, именуван според д-р Мозес Џејкоб, тогаш претседател на земјоделскиот и индустрискиот саем на долината на Тенеси.
Во паркот се одржувале и музички настани, но оние наменети за црната и за белата публика биле целосно сегрегирани. И ова е контекстот на приказната: место полно со стари духови, со име кое евоцира масакр, потсетува на белечката историја, а во кое се свири црнечка музика.
Кога Луј Армстронг свирел во Чилоу парк во Ноксвил, Тенеси во февруари 1957, приказната се уште не била заборавена. Јужно од градот уште еден топоним потсетувал на неа - браната Чилоу која била речиси завршена, покривајќи го местото каде некогаш било истоименото село, а изградена за да генерира струја за блиската фабрика за алуминиум, како и за радио приемниците и грамофоните низ Тенеси.
Тоа било долга турнеја за Армстронг, со 61 станица низ целиот југ. Бендот највообичаено го исвирел првиот дел од сетот пред околу илјада црни луѓе во публиката и на подумот за играње. Од балконите ги набљудувале 800, можеби 1000 бели луѓе. Од време на време шише виски паднато одозгора се кршело пред нозете на оние кои играле.
По кратка пауза, околу 20 минути до 11, бендот почнал да ја свири „Бек О’Таун блуз“, омилена песна на публиката. Најпрвин бавна, потоа сè позабрзана, тоа е стара, носталгична песна чија поука е „никогаш да не си ја малтретираш жената, затоа што тоа ќе ти се удри од глава“.
Во тој момент одекнала експлозија. Публиката се вознемирила, но повеќето останале во салата. Некој се качил на сцената и му кажал на Луј за бомбата, но тој спокојно ѝ се обратил на публиката со „Ова звучеше како пијаница што паѓа од балкон“, и продолжил да свири како ништо да не се случило.
Кога шоуто завршило, дваесет минути подоцна, луѓето излегле од Џејкоб билдинг и виделе дупка, широка како кратер. Дошла полиција а наскоро и новинарите. Кога го прашале Армстронг за коментар, тој само рекол: „Би свирел секаде каде што ќе ме слушаат, дури и во Бирмингем (каде што Нет Кинг Кол бил нападнат од бел расист една година претходно). Трубата не ги сфаќа овие расни керефеки (The horn don't dig those race troubles)". Потоа си продолжил со турнејата.
Секако, Луј многу добро знаел што е расизам. Во својата автобиографија се сеќавал како во тинејџерските години белите момчиња оделе на „лов на црнци“ откако ќе се испијанеле од лошо виски. Знаел и за расизмот во Тенеси - во 1931 бил уапсен во Мемфис затоа што седел до сопругата на менаџерот, бела жена, во автобусот со кој се возеле на турнеја. Само една недела пред да настапи во Ноксвил на автомобилите биле закачени шапилографирани пораки во кои жителите се повикувале да ги бојкотираат настапите полни со „вулгарен анимализам на домородни изведувачи“ бидејќи овие „танци на џунглата“ биле пат кон самоубиство. Белешката била потпишана со „Совет на бели жители на Тенеси“.
Водач на овој совет бил Џон Каспер, некогаш дел од боемскиот кружок на Гринич вилиџ и сопственик на книжарница, кој подоцна станал активист против расна интеграција. Но истовремено бил и против популарната музика, сметајќи дека рокенролот или „црнечката музика“, е збир необични звуци кои се прават при скокање околу логорски оган, и истовремено инструмент за уништување на белиот расен идентитет. Напаѓачот на Нет Кинг Кол всушност бил помошник на Каспер. Само неколку дена пред експлозијата на концертот на Сачмо, бил активиран динамит во градот Клинтон, тогаш скриен во куфер пред фаст-фуд ресторан во црниот дел од градот. Триесет куќи биле оштетени од ударот, а имало и повредени. „Тука мора да се изврши притисок како удар на динамит“, изјавил Каспер пред настанот. „Да им го фрлиш во раце и да ги гледаш како го фаќаат“.
Иако претходно бил резервиран, кога насилствата и протестите против интеграцијата продолжиле и се засилиле, Луј веќе почнал да го губи трпението. „Моето семејство страдаше на стариот Југ. Но сега станува толку лошо што обоениот човек веќе нема своја земја“, изјавил. Неговата труба изгледа станала малку почувствителна на расизам кога во нејзината мелодија се вмешал звукот на динамит.