Пред неколку години пишувавме за славните американски џезери како културни амбасадори за време на Студената војна. Дизи Гилеспи, Луј Армстронг, Бени Гудман, сите тие биле дел од напорите на владата на САД за културна дипломатија. Некои од нив оделе на државно спонзорирани турнеи на Блискиот Исток, во Koнго, Египет, Пакистан, Сирија, Турција, Грција. Сега пронајдовме архивски текст од Њујорк Тајмс од 1971, во кој се известува за настапот на Дјук Елингтон во Москва.
„Дјук Елингтон слета вчера во Москва на почетокот на својата петнеделна турнеја во најголемите советски градови, и успеа да им каже ’Лудо ве сакам’ на руски на група џез љубители кои му возвратија на англиски - ’И ние тебе’.“
Вака почнува репортажата на Њујорк Тајмс од 1971 за престојот на Елингтон во СССР во склоп на културната дипломатија, карактеристична за времето на Студената војна.
На аеродромот го пречекал Алексеј Батушев, менаџерот на Московскиот џез клуб, но и 40 други посветени фанови. Репортерот оди во детали па опишува слабичок маж со очила, „во син џемпер и сино-црни карирани пантолани“, кој му подал на Елингтон фотографија од својата 6-годишна ќерка, за да се потпише на опачината. „Идна џез пејачка“, рекол Русинот, со гордост.
Пристигнувањето на бендот на Елингтон составен од 17 членови била прва посета на американска џез трупа од 1962, кога тука бил Бени Гудман, кој свирел пред Хрушчов. Ова требало да ги омекне советско-американските културни односи, кои биле нарушени откако Москва, во мај 1970 ја откажала турнејата на Бољшој во Америка како протест проти анти-советски инциденти.
Tурнејата на Елингтон ги вклучувала Ленинград, Минск, Киев и Ростов на Дон, пред да се врати во Москва за финалето. Иако немало воопшто реклама за овие концерти, весникот известува дека билетите се барале и тоа „од Руси со странски пријатели и вкусови“.
Извесен Виктор Смирнов изјавил дека поседува 500 мелодии на Елингтон на касети, кои ги собирал во тек на 20 години. Со жалење констатирал дека и ова не било доволно за да добие гратис карта.
Освен џез оркестрите и хорови кои дотогаш ги испраќала американската влада во СССР, од нејзина страна имало предлози и за посовремени рок бендови. Но Советите го одбиле ова со образложение дека „не е соодветно“ и дека може на незгоден начин да ја поттикне советската младина. Џезот изгледа им делувал поумерено и помалку ризично.