Еден од оние уметници кои на прв поглед не би требало да имаат никаква врска со спорт, а уште помалку со тенис, е Арнолд Шенберг, еден од најзначајните и највлијателни композитори на 20 век. Но тој до зрели години продолжил не само да создава иновативна музика, туку и да минува време на тенискиот терен.
Роден во Виена, тој подоцна се преселил на вистинското иместо за да ужива во оваа игра: јужна Калифорнија, каде избегал во 1933, откако станало јасно дека неговата татковина наскоро ќе стане лошо место за живеење на оние кои како него имале еврејско потекло. Иако не можеле повеќе уметнички да се разликуваат еден од друг, Шенберг и Џорџ Гершвин спортски ги поврзувал токму тенисот.
Нивен заеднички пријател, композиторот Алберт Сендри, оставил детален опис на еден од мечовите помеѓу тогаш 38-годишниот Гершвин и 62-годишниот Шенберг, споредувајќи го нервозниот, неуморниот и витешки настроениот Гешрвин кој „играл за публиката“, со амбициозниот Шенберг кој сепак „имал научено да се изолира од јавното мнение“. Сите паралели во однос на музичкиот стил на обајцата се секако целосно случајни.
Но имало уште една работа која го фасцинирала постариот композитор, а која имала врска со интелектуалната страна на тенисот. Кон крајот на животот, тој измислил облик на бележење на тениските натпревари, кого го користел за анализа на мечевите на неговиот син-спортист, Роналд.
Како што се гледа на сликата горе, симболите наликуваат на оние на одредени танцови нотациски системи, и потсетуваат на движењата на нозете при некои потези. Во идеален случај, овие белешки на оној кој ги разбирал симболите требало да му прикаже тениски натпревар онака како што со други симболи се обележува шаховски меч. Сличен систем Шенберг направил и за шахот, но за верзија од четири играчи на десет квадрати, и со нови фигури како авиони, тенкови и подморници. Играта требало да се вика „коалициски шах“ и да претставува судир на супермоќни држави. За жал ниту неговите тениски симболи, ниту шаховската верзија, не фатиле корен. Од друга страна, човекот кој бил пионер во додекафонијата никогаш и не сметал на широка прифатеност на што и да е што го измислил.