Книжевните референци на албумот „Одбрана и последни денови"

Албумот на Идоли беше објавен 1982 и до денес остана еден од антологиските кога се зборува за музиката на бившите југословенски простори. Со него се поврзани најмалку двајца писатели, едниот поочигледен, другиот малку затскриен. Андрија Шкаре на сајтот Букса зборува за Влада, „Русија" и книжевната петокрака на нејзиното чело.

„Одбрана и последни денови" Југотон ја објави 1982, а јас никако не можев да се ослободам од блесавата мисла дека тие фини белградски момчиња измислиле времеплов со кој од иднината на почетокот на осумдесетите го донеле она најважното, музиката.

Толку е чудесен тој албум, толку совршен во својата ненаметливост, преполн со топли звукчиња за кои не можете да сфатите од каде се појавиле и како настанале, преполн со слепи улички во кои сенките се поинакви, убави слепи улици во кои никогаш не ви е мачно да заталкате. Секое ќоше на оваа прекрасна плоча претставува истовремено врвно естетско уживање, но и материјал за истражување. Слоевит и експериментален, чист поп и истовремено негова негација.

Албумот е насловен според романот на југословенскиот писател Борислав Пекиќ, и на него Идоли нудат антрополошки пристап кон православието, се поигруваат со култот на Титовата личност, ги претставуваат комплексните филозофии и сјајно балансираат помеѓу академскиот и детски наивниот дискурс, но во песната „Русија" се појавува уште една книжевна референца, ненаметливо вклопена во нежна и трогателна лична приказна.

Кога го слушам почетокот на оваа песна, слушам снег. Фино исткаена мелодија нè води кон почетокот на текстот, кој нè сместува во топла соба, нè води до парот којшто наскоро целосно ќе го запознаеме и, она најлошото и истовремено најдоброто, да сфатиме дека и ние самите сме една негова половина.

Нашата тивка соба
тукушто се разбуди
Нашата тивка соба
затрепери
Јас уште студирав,
таа работеше
Ноќе ѝ го читав
А. Фадеев

Речиси сум сигурен дека секој, барем од моите и помладите генерации, кој ја слушал оваа песна првите десетина пати мислел дека писателот кого нараторот го спомнува е некојси таму Афадеев, заради начинот на којшто е испеано, а и затоа што Александар Фадеев во наше време не беше нешто посебно познат писател.

Сепак, рускиот писател кого Дивљан одбра да го уфрли во оваа песна не само што е симбол на Русија и на „Русија", тој е автор на легендарниот роман „Младата гарда" кој опишува настани за време на нацистичката окупација во Втората светска војна. Според него е наречен Советскиот орден за воена книжевност, а генерално се смета за еден од поважните писатели на социјалистичкиот реализам, револуционер број еден во земја полна револуционери. Додуша, познат е и по самоубиството којшто го извршил разочаран од десталинизацијата на Русија, но тоа е веќе некоја друга приказна.

Фадеев тука е симбол на револуцијата, сјајна книжевна петокрака која со својот сјај и топлина се спротивставува на студенилото и празнината кои доаѓаат од надвор, од другата страна на прозорецот, но и симбол на борбата внатре секој од нас, желба да се започне некоја битка иако за тоа можеби немаме сила и иако знаеме дека тоа можеби нема никаква смисла. Впрочем, веднаш откако на сцената стапи славниот руски писател, Дивљан вели:

Некогаш им се чудеше
на моите песни
Не ми дозволуваше
да се заморувам

Во овие стихови е собрана сета нежност, сета топлина и сета интимност којашто човек може да ја замисли. Или барем сета нежност, топлина и интимност којашто може да се замисли и да му се посака на човек на прагот на зрелоста кој фантазира за тоа некој да се чуди на неговите песни иако уште не сфаќа дека тоа веќе некои и го прават.

Имаше многумина кои овие зборови длабоко ги почувствуваа, на кои тие им помагаа и ги тешеа. Голем број оние кои со нив растеа и кои им помагаа да станат за ронка подобри луѓе, затоа што лошите луѓе не пишуваат чудна поезија. Влада Дивљан е нивен, но само затоа што е нивен, тоа не значи дека е нешто помалку мој.

Андрија Шкаре

Пријателите на Влада ја изведуваат „Русија" во негова чест

14 март 2015 - 09:59