Oсврти, вести, есеи и книжевни осврти - сето тоа во изминатите 125 години е објавувано на страниците на Њујорк Тајмс Бук Ривју, рубрика која сега слави 125 години постоење.
И пред воспоставувањето на посебна рубрика, Тајмс објавувал книжевни вести. А имало и за што да се известува - тоа е период на Дикенс и Текери, Витман, Тенисон и Бодлер, на Дарвин и Хаксли, Тургењев и Толстој, на Марк Твен и Хенри Џејмс. Гласот за овие денес славни писатели се проширил преку весникот, а реакциите на читателите, кои постојано пишувале писма до редакцијата, биле бројни.
Оттаму не е необично што Адолф С. Охс донел одлука да го издвои покривањето на книжевната сцена во посебна рубрика, воспоставувајќи го ваквиот додаток на весникот кратко време откако станал негов издавач во 1896. Првото издание, тогаш наречено Сатрдеј Бук Ривју Саплемент, вклучувало 10 непотпишани осврти заедно со списоци на нови книги и избор книжевни вести, како и репортажи за времето минато во затвор на Оскар Вајлд.
Токму во оваа рубрика се наоѓаат и никулците на она што денес го нарекуваме „бестселер листа“, која ја одредува и популарноста и продажбата на одделни книги. Бук Ривју бил заинтересиран за продажбата на книгите уште од основањето, па во првиот месец објавил таков список преземен од книжевното списание „Букман“, пракса што продолжила до 1910.
Сепак, како дополнување секој декември весникот испраќал и „теренци“ кои ги проверувале продажбите на книги во локалните книжарници, а од 1901 имало и колумна под наслов „Книги што се бараат“, каде се објавувале наслови на популарни книги по градови.
Денес ЊТБР добива 750-1000 книги од автори и издавачи, од кои 20-30 се издвојуваат од страна на рецензенти, кои годишно читаат над 1500 наслови. Процесот на селекција е базиран на тоа да се најдат книги кои се значајни и да се откријат нови, талентирани автори. Самообјавените книги не се рецензираат, согласно политиката на рубриката. Оние книги кои нема да се одберат за рецензирање се складираат во посебна соба а потоа се продаваат, при што средствата одат во хуманитарни цели.
Од 2015 сите критичари се неплатени, а ЊТБР нема вработени новинари. Рецензентите можат да бидат вработени во Њујорк Тајмс чии обврски се поврзани со други рубрики, но тука има и професионални критичари, уметници и професори кои пишуваат рецензии на регуларна основа.
Во моментов уредничка на рубриката е Памела Пол, а постои и посебен подкаст - еден од најстарите и најпопуларните на Њујорк Тајмс, чија премиерна епизода се емитуваше на 30 април 2006. Од 1968 некаде на почетокот на декември се објавува и список на „значајни книги“ согласно изборот на уредникот, со белетристички и стручни наслови, 50 од секоја категорија.
Во 2010 професори од Стенфорд објавија студија во која ги истражуваа ефектите врз продажбата на негативните односно позитивните критики на ЊТБР. Како што и би се претпоставувало, влијанието на рецензиите е големо, иако контраинтуитивно и негативните критики понекогаш ја зголемуваат и популарноста, и продажбата на одредено дело.