Книги на 2024: Како фрижидерите ја променија нашата храна, планетата и нас самите

Помеѓу списоците кои излегуваат деновиве за „нај“ книги на годината што полека изминува, се наоѓа една која ја истражува праксата на вештачко ладење и замрзнување на храната, што извршило исто толку голема револуција во нашите навики и начин на живот колку и парната машина. 

Колку пати денес отидовте до фрижидерот (вашиот, на работа или во продавница) за од таму да земете нешто свежо и веднаш достапно за јадење? Ова сега е секојдневна пракса на која не ѝ обраќаме посебно внимание, освен ако сакаме да спуштиме некое кило. Но до пред еден век јадењето храна од фрижидер било причина и за возбуда, и за страв.

Воведувањето на вештачкото ладење претставувало пресврт во со милениуми долгата историја на исхрана, покренувајќи ново поглавје во тоа што, кога и како се јаде. Најпрвин станувало збор за зачувување на храната од мувла, скиснување, распад и одбегнувањето на болестите поврзани со истото. Но наскоро почнале да се надминуваат и годишните времиња и географските далечини. Сега во јули можат да се замрзнат пиперки и да се јадат во јануари. Или да се купи егзотичен ананас на Исланд, донесен таму во - фрижидери. 

Во нова книгата под наслов „Смрзнатини: како фрижидерите ја имаат променето нашата храна, планетата и самите нас“ (јуни 2024), која на Амазон е помеѓу најдобрите книги на годината според изборот на уредникот, се следи овој феномен од научен, економски и прехранбен аспект. Авторот Никола Твили е соработник на Њујоркер и има свој подкаст за храна, Гастропод. Тој нè води по трагата на тн. „студен синџир“ од фармата до фрижидерот, понекогаш забегувајќи во необични правци, како на пример во подземните пештери за сирење во Мисури или огромните цистерни за сок од портокал од кои се снабдува цела Америка.

Трансформативната улога фрижидерите ја имаат и во однос на нашето здравје, но и на пошироката животна околина. Во развиениот свет ги користиме нивните погодности повеќе од еден век, но цената на таа удобност полека нè стигнува. Нашата врска со храната е нарушена, а „тазе“ и „свежо“ се концепти кои во меѓувреме ги имаме редефинирано. Истовремено, фрижидерите се еден од водечките елементи на климатските промени. Твили прашува: можеме ли да ја намалиме нашата зависност од нив или е веќе предоцна да се навикнуваме на топло пиво?

27 ноември 2024 - 17:44