Тајмингот на овој настан не бил случаен. Во Америка градовите се уште се чистеле по немирите кои следеле по убиството на Мартин Лутер Кинг Џуниор, а се најавувале и нови протести поврзани со Националната конвенција на демократите која требало да се одржи летото. Иднината веројатно била единственото место каде можело да се избега од сегашноста. Во Хилтон пристигнале повеќе од осумстотини гости, кои дискутирале во големата сала за балови, која додуша не изгледала футуристички туку како замислена верзија на голема кино сала од 1920-тите.
Учесниците биле внимателно поделени на оние над 35, и оние под 35 години, а говорници биле бирани само од првата група. Додека постарите зборувале за иднината на пластиката и авионите на плазма, без да го спомнат Виетнам и насилството на улиците, помладите протестирале. Претставници на младински организации барале да настапат и напишале писмо во кое го опишале собирот не како дискусија, туку како перење мозок.
Тие не биле единствените вистински заинтересирани за содржината на конференцијата. Еф-би-ај и претходно ги проверувала членовите на Асоцијацијата за надворешна политика заради наводен комунизам. Со тоа целата футуристичка нота на собирот се релативизирала, бидејќи учесниците всушност не знаеле ни што ги чека таа, 1968 година. Само една недела подоцна е убиен Кенеди, а сегашноста станала уште поматна. Токму тогаш во книжарниците пристигнала „Кон годината 2018“.
„Повозбудлива од научна фантастика“ пишува на корицата, на која на задната страна се наведени неколку можни изуми од иднината: ураган направен од човек кој се користи против непријателот, мини компјутер за секој граѓанин, но и прашање - дали децата од 2018 се уште ќе се соочуваат со расни проблеми, економски депресии и други Виетнами?
Голем дел од книгата може да помине како научна фантастика и денес. 14-те автори, од теоретичари на оружје, професори на врвни американски универзитети, до директорот за автоматика на Ај-би-ем, предвидуваат (во случајов неточно) дека нуклеарни реактори ќе бидат главен извор на производство на енергија во САД, а дека природниот гас ќе стане неважен; намалување на инхибициите поврзани со сите човечки импулси освен оној кон насилство; огромна контрола на економиите од страна на нациите кои ќе можат да ги бираат нивните нивоа на вработување, индустријализација и БДП итн.
Но некои од предвидувањата се прилично прецизни. Такво е она на Томас Малоун кој сметал дека големи промени во климата ќе бидат предизвикани од растечки нивоа на јаглерод диоксид. Глобалното затоплување кое ќе следи, предвидува тој, ќе подразбира создавање на меѓународно климатско тело, „колку што е можно ослободено од политика“, кое ќе носи значајни одлуки за стопирање на овој процес. Нему му се придружуваат и други говорници, кои сметаат дека иако мисиите на Аполо наскоро ќе ја исцрпат сета политичка корист, сателитите за набљудување на временските прилики и за комуникации ќе станат битен дел од глобален систем, кој ќе се базира на огромни компјутерски комплекси.
Токму тука лежи и најточното предвидување на „Кон годината 2018“ - интеграцијата на компјутерите во секојдневниот живот. Масивни информациски оптички мрежи и сателитска комуникација, достапна преку портабл апарати, и актуелизација на прашањето за приватност, сето тоа е содржано во книгата. Директорот на Бел Лабс, Џон Р. Пирс, предвидува пренесување и на текст и на слика, како и нивно едитирање онлајн, што ќе овозможи подготовка на документи и нивно печатење со ист квалитет како и тогашното производство во печатници.
Сепак најинтересен е следниов извадок, на Итиел де Сола Пул (револуционерен лик во областа на општествените науки, особено во контекст на влијанието на технологијата врз општеството, починат 1984), кој пет децении пред да почнат секирациите во врска со користењето на Фејсбук или Гугл, напишал:
„Сите лични информации ќе бидат компјутерски складирани и фантастично манипулирани. До 2018 истражувач кој седи на својата конзола ќе биде во можност да ги доведе во статистичка врска потрошувачките навики (извлечени од пописите на продавниците), на луѓе со низок коефициент на интелигенција (според училишни досиеа), кои имаат невработен член на семејството (од досиеа за социјално осигурување. Односно, ќе го има технолошкиот капацитет за тоа. Но дали ќе го има и законското право?“
Некои предвидувања од книгата се оствариле многу бргу. На други им требало повеќе време, а експертите во меѓувреме починале и не го дочекале нивното остварување. Интересно е што помеѓу нив немало ниту една жена, а немало ни поглавје посветено на човечките права. Повеќето автори всушност си ја замислувале иднината како нешто што ним им одговара, а тоа главно била технологија која се вклопувала во основната рамка на корпоративниот капитализам на шеесетите и седумдесетите. Но едно е јасно - додека „Кон годината 2018“ во седумдесетите веќе била вишок по книжарниците кои се обидувале да се ослободат од неа по цена од само еден долар, стои коментарот на еден од тогашните весници:
„Нормалните луѓе од 2018 ќе копнеат по поедноставни времиња и по златното доба на 1970-тите“.