Kнига која визуелно претставува стихови од познати поп песни

Начинот на кој инфографиците знаат паметно да ја деконструираат содржината и на најсложените митови (види тука), но и на која и да е друга нарација, отсекогаш нè восхитувала. Истото го прави и оваа уметница со нејзините толкувања на познати поп песни.

Во 2015 Катрина МекХју се нафатила во период од сто дена на нејзиниот сајт визуелно да претставува содржини на познати поп песни. Притоа, забележала дека некои теми се повторуваат: ветер, месечината, реки и долини, безброј алузии на светот околу нас. По некое време одлучила да ги зема предвид само таквите, кои спомнуваат елементи од природата, како животни, лисја, карпи, вселена. Под наслов „Сто дена природни науки во стихови“, таа создала 100 постери на оваа тема. Тие во 2016 станаа вирални, а сега, две години подоцна, се издаваат во форма на книга.

Во интервју за Вајрд МекХју објаснува дека примарниот мотив да се зафати за овој проект ѝ бил љубовта кон природата, и идејата на припишување емоции на природните елементи. Ваквите поврзувања сепак не се карактеристични само за современата поп музика, па според неа „Таа е како ветрот“ можела да биде напишана и пред четири века, а повторно да асоцира на истата работа - на табиет кој е превртлив, но и освежувачки, полетен.

Така, овие метафори стануваат дел од големиот каталог на културни референци, но и на колективното несвесно - стиховите од омилените песни, колку и да ги повторуваме механички, стануваат дел од нас и нашиот светоглед. И ако до сега не сме им обрнувале големо внимание, начинот на кој Катрина ги дисецира прави да го направиме токму тоа, да забележиме од кои точно зборови и концепти се состои некоја макар и банална песна.

А најинтересно е кога од прва не ти текнува за која песна станува збор, и кога оп! ќе ти дојде. Ви текнува на пример кои се овие?

 

одговор: тука и тука

6 јули 2018 - 15:55