Стихови на вечерта

Ќе спијам (сакам што ноќта е жена)

На она што требаше да биде роденден на Игор, а е вечер во која постхумно се читаат неговите стихови. Топли наспроти студот на светот. 

ЌЕ СПИЈАМ
(САКАМ ШТО НОЌТА Е ЖЕНА)

ќе спијам во мојот кревет.
додека надвор завиваат снегулки
и раката нерешително ми трепери.
ќе спијам во мојот кревет. за инает
на сите тие претскажувања: за мојата
смрт, за војни, за катаклизми, за сè
што би тргнало наваму–натаму. ќе спијам
во мојот кревет. низ високите окна
ќе гледам како навева снегот. ќе се
туткам во својата топлина, ќе бидам
тивок и нежен, топол наспроти студот
на светот. вредам повеќе од тоа.
ќе спијам со мирис во носниците,
полн љубов, полн мир. ќе спијам
во мојот кревет, спокоен и на топло.
вечерва нема да мислам на селењето:
ова е толку убава и силна ноќ,
што повремено се прашувам
како ли сум ја заслужил.

Игор Исаковски (од постхумно објавената збирка „Дека да“)
Блесок бр. 100 

19 септември 2015 - 21:29